Сè уште не е познато кога ќе се одржи новиот круг гласање. Според Уставот, партиите имаат право да се обидат да го реорганизираат гласањето во рок од 14 дена, а дотогаш ќе има серија консултации меѓу СПД и ЦДУ, кои треба да формираат нова влада
Конзервативниот германски лидер Фридрих Мерц не успеа да го освои потребното мнозинство во Бундестагот за да биде избран за германски канцелар во првиот круг од гласањето, што претставува неочекуван удар на неговата нова коалиција со социјалдемократите.

Шеесет и деветгодишниот Мерц, кој ја предводеше Христијанско-демократската унија (ЦДУ/ЦСУ) до федерална победа во февруари и договори коалиција со социјалдемократите (СПД), доби само 310 гласа во Долниот дом на парламентот, објави претседателката на Бундестагот, Јулија Клокнер.
Му беа потребни најмалку 316 гласови за да биде избран во првиот круг.
Клокнер ја прекина седницата за да можат парламентарните групи да одржат консултации за следните чекори.
Сè уште не е познато кога ќе се одржи новиот круг гласање. Според Уставот, партиите имаат право да се обидат да го реорганизираат гласањето во рок од 14 дена, а дотогаш ќе има серија консултации меѓу СПД и ЦДУ, кои треба да формираат нова влада.
Според уставот на Германија, пратениците имаат 14 дена да изберат канцелар со апсолутно мнозинство. После тоа, за избор на канцелар ќе биде потребно само просто мнозинство.