Деактивирањето на сигналот на мобилнитее телефони нема да ги опфати посетителите на плоштадот „Свети Петар“. Но, безбедноста е засилена низ целиот плоштад, со контролни пунктови на влезовите и распоредување на детектори за метал и системи против употреба на дронови на јавен простор
Ватикан соопшти дека ќе го прекине сигналот за мобилните телефонски мрежи за време на конклавата каде што ќе се избира новиот папа, објавија италијанските медиуми, а пренесува Си-ен-ен.
Тоа, според соопштението од Ватикан, значи дека во среда на 7 мај од 15 часот сите системи за пренос на телекомуникациски сигнали за мобилни телефони на територијата на државата Ватикан ќе бидат деактивирани.

Тоа е час и половина пред кардиналите да се упатат кон Систинската капела за да ја започнат папската конклава.
„Сигналот повторно ќе биде вклучен по објавувањето на изборот на папата“,
се наведува во соопштението од Ватикан.
Ватикан, исто така, планира да користи закочувачи на сигнали околу Систинската капела за да спречи електронски надзор или комуникација надвор од конклавата на која 133 кардинали ќе гласаат за наследникот на папата Франциск.
Деактивирањето на сигналот на мобилнитее телефони нема да ги опфати посетителите на плоштадот „Свети Петар“. Но, безбедноста е засилена низ целиот плоштад, со контролни пунктови на влезовите и распоредување на детектори за метал и системи против употреба на дронови на јавен простор.
Инаку, како што потврди Ватикан, сите 133 кардинали што ќе гласаат за да го изберат наследникот на Франциск веќе пристигнаа во Рим.
И во 2013 година за време на конклавата на која беше избран папата Франциск беа инсталирани блокатори на сигнали за да сспречат какви било повици, пораки или пристап до интернет.
Дури и техничкиот персонал што го одржува Ватикан, за време на конклавата ќе биде обврзан на тајност.
В среда во 16:30 часот, кардиналите ќе се соберат во Систинската капела и ќе започнат со гласање, кое ќе трае се додека еден од нив не добие двотретинско мнозинство и не стане новиот лидер на 1,4 милијарди католици низ светот.
Процесот може да трае со денови.
Новиот папа е избран кога гласачките ливчиња ќе се запалат, а од оџакот на капелата ќе излезе бел чад.
Потоа, новиот папа се појавува на балконот и ги поздравува посетителите на плоштадот пред базиликата.
Светските медиуми ден по упокојувањето на папата Франциск веќе објавија имиња на некои од кардиналите кои се сметаат за најсериозни кандидати за наследници на папата Франциск.