„Предвремени избори треба да има тогаш кога се парализирани институциите, не можат да функционираат, кога мнозинството на власта е на границата на потребните 61 (пратеник). Далеку е од тоа. Впрочем, помина неполна една година. Да, имаме проблеми, дел од нив наследени, дел од нив нови, меѓутоа јас гледам дека институциите се справуваат со сиве овие проблеми“, изјави денеска Сиљановска-Давкова
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова смета дека апсолутно нема потреба од предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните наесен доколку Алијанса за Албанците на министерот за здравство Арбен Таравари го напушти актуелното владејачко мнозинство.

Според претседателката на државата, оние што сега повикуваат на предвремени парламентарни избори биле најголеми противници за нивно одржување кога имало потреба за тоа.
„Апсолутно не. Јас мислам дека оние што сега повикуваат на предвремени парламентарни избори беа најголемите противници на предвремените избори кога за нив имаше причина“,
рече таа денеска одговарајќи на новинарско прашање по денешната свечена академија во МАНУ по повод одбележувањето на 80-годишната од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, чиј покровител беше таа.
Во врска со прашањето за предвремените парламентарни избори, таа даде образложение на својот став и посочи дека нема да зборува како претседателка, туку како професорка.
„Ние велиме дека предвремени избори треба да има тогаш кога се парализирани институциите, не можат да функционираат, кога мнозинството на власта е на границата на потребните 61 (пратеник). Далеку е од тоа. Впрочем помина неполна една година. Да, имаме проблеми, дел од нив наследени, дел од нив нови, меѓутоа јас гледам дека институциите се справуваат со сиве овие проблеми“,
рече Сиљановска-Давкова.
Од друга страна, таа рече дека локалните избори понекогаш се лакмус кој го отсликува расположението на граѓаните.
„Значи, да, ќе има редовни локални избори. Локалните избори го отсликуваат расположението на граѓаните, понекогаш се лакмус за тестирање на успешноста на власта, но апсолутно нема потреба од парламентарни избори“,
повтори претседателката на државата.
Барањето предвремени парламентарни избори заедно со локалните доаѓа од дел од политичките субјекти во државата, конкретно од опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ).
Неодамна на конференција во Љубљана поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, зборувајќи за ситуацијата во Северна Македонија и нејзините предизвици во пристапниот процес кон ЕУ, рече дека доколку во земјата годинава одржи предвремени парламентарни избори, тогаш ќе се отвори нејзиниот прв четиригодишен реформски прозорец кон Унијата во последните две децении.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, минатата недела користејќи порадикална реторика, рече дека доколку ексминистерот за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани, тој ќе излезе на улица и нема да се врати додека не испровоцира со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори.
Коментирајќи ја изјавата на Ахмети, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека локалните избори ќе покажат кои политички партии, градоначалници и советници ја заслужуваат довербата на граѓаните, а резултатите од овие избори ќе бидат клучни за одлуката за евентуални предвремени парламентарни избори.
Инаку, попладнево во Владата е закажана средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство и лидер на крилото на Алијанса за Албанците кое е дел од власта, Арбен Таравари.
Таа доаѓа по одлуката на Алијанса на локалните избори да оди со сопствени советнички листи, што ги налути нејзините довчерашни сојузници од коалицијата ВЛЕН, која е во процес на трансформација во еден политички субјект, односно партија. Дополнително, остри реакции предизвикаа и наводите за комуникација меѓу Алијанса на Таравари и ДУИ за соработка.
Премиерот Мицкоски информирајќи за тајмингот на средбата денеска од Штип рече дека дека сака да слушне како Таравари размислува за последните случувања поврзани со неговото политичко дејствување и во таа насока кажа дека министерот за здравство и лидер на едно од двете крила на Алијанса за Албанците има две опции пред себе.
Говорејќи за неговите лични односи со Таравари, рече дека за него како човек има позитивно мислење, но, како што додаде, во политиката образот е нешто што го имаш или го немаш и дека заткулисните игри се провидни игри кои лесно се идентификуваат и препознаваат.
Таравари, пак, од друга страна кратко рече дека остануваат на одлуката донесена од Централното претседателство на локалните избори да одат со посебни советнички листи и дека ќе го слушне ставот на премиерот по што ќе проценат како партија како ќе продолжат понатаму.