Тие се поттикнати од апсењето на Афроамериканец на 26 мај, кое беше снимено од страна на минувач од кое се гледа полицаец кој го притиска со коленото на вратот, додека мажот го моли да го пушти бидејќи не може да дише. Тој подоцна почина во болница
Трета вечер по ред во Минеаполис се одржуваат насилни протести по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, кој беше оквалификуван како расистички чин на полициска бруталност. Освен што беа ограбени и запалени повеќе објекти, демонстрантите влегоа во полициската станица во градот и ја запалија, игнорирајќи ги повиците на полицијата за смиреност.

Полицијата во неколку случаи употреби солзавец за да ги растера демонстрантите, но не употреби физичка сила и дозволи толпата да го изрази својот гнев.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц синоќа ја активирал Националната гарда.

Во изминатите три дена Минеаполис беше зафатен од бран насилни протести во кои се запалени и ограбени повеќе објекти и продавници. Првиот ден од протестот во средата беа запалени индустриски објекти, ресторани и станбени згради во изградба. Демолирани и запалени се и многу возила. Третиот реон на градот, на неколку блока од полициската станица, изгледа како воена зона.

Протестите се поттикнати по смртта на Џорџ Флојд за време на апсењето на 26 мај, кое беше снимено од страна на минувач. На видеото се гледа полицаец кој го притиска со коленото на вратот, додека Флојд го моли да го пушти бидејќи не може да дише. Флојд подоцна почина во болница. Четворица полицајци кои учествувале во инцидентот се отпуштени, а ФБИ и властите во Минесота започнаа истраги за смртта на 46-годишниот Флојд.
Министерството за правда на САД порача дека истрагата за полициската одговорност во случајот е „главен приоритет“. Синоќа и претседателот Доналд Трамп ги повика безбедносните служби да го решат случајот.
За овој случај реагираше и Мишел Башле, висока комесарка на ОН за човекови права, која ги повика американските власти да преземат „сериозни мерки“ за да се стави крај на „убиствата“ на Афроамериканци од страна на полицијата.

Инаку, случајот со Џорџ Флојд на почетокот немал расна заднина. Тој бил уапсен откако сопственик на продавница во Минеаполис повикал полиција бидејќи се сомневал дека Флојд се обидел да купи цигари со фалсификувана банкнота од 20 долари.
Откако настаните добија друга димензија, сопственикот на продавницата се понуди тој да го плати погребот на Флојд.