Сепак, како што посочи премиерот сè уште не е направена анализа за ребаланс на буџетот, но оти тоа ќе се направи и ќе се излезе со предлог пред пратениците
Поради локалните избори, очекуваме ребаланс на буџетот да има на крајот на јуни, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски при неговата посета во Штип одговарајќи на новинарско прашање дали има проекции како ќе изгледа најавениот ребаланс на буџетот, односно на што во него ќе се крати, а на што ќе се додава.

„Логично е да има прераспределба во месецот што следи поради импликацијата врз буџетските средства како резултат на проектите што ги поднесоа општините за финансирање на вториот повик. Сепак, се 15 милијарди денари основни буџетски средства. На тоа имаме и кофинансирање, што е вкупно 16 милијарди денари. Логично е да помине една ваква распределба, за да можат општините да направат и ребаланс на своите буџети. Потоа да распишат тендери и да тргне реализацијата на проектите од вториот повик. Има законски процедури и чекори што мора да се исполнат“,
рече тој.
Според него, логично е најмалку еднаш во годината да има ребаланс на буџетот.
„Лани тоа беше при крајот на јули, но годинава тоа ќе биде проблем зашто ќе се распишат локалните избори и затоа тоа ќе се случи веројатно кон крајот на јуни. Сè уште не е направена анализа, но таа ќе се направи и ќе се излезе со предлог пред пратениците“,
вели Мицкоски.
Она што на него му е важно е оти владините мерки даваат резултат, дека имаме дефлација два месеца по ред, има раст на индустриското производство во првиот квартал, по што, додаде дека сме единствени во регионот и едни од ретките во Европа, а имаме и позитивна бројка во делот на извозот во првото тримесечје.
„Има неколку параметри што даваат јасна слика на траекторијата во која треба макроекономски да се движиме и тие ќе бидат опфатени во буџетот“,
кажа премиерот.