Од СДСМ посочуваат дека Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик не може да функционира затоа што сè уште не е усогласен со Законот за инспекциски надзор
Власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ веќе девет месеци не спроведува ниту една одредба од Законот за употреба на македонскиот јазик, обвинија денеска од опозицискиот СДСМ.
Оттаму посочуваат дека Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик не може да функционира затоа што сè уште не е усогласен со Законот за инспекциски надзор.

„Денеска одбележуваме 80 години од историскиот момент на кодификацијата на македонскиот јазик – темелна вредност на нашиот идентитет, култура и државност. За жал, токму денес, сведоци сме на игнорантски однос од актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ која веќе девет месеци не спроведува ниту една одредба од Законот за употреба на македонскиот јазик. Инспекторатот за употреба на македонскиот јазик не може да функционира затоа што сè уште не е усогласен со Законот за инспекциски надзор. Нема вработени инспектори, само партиска директорка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и толку“,
изјави на прес-конференција проф. Маја Серафимовска-Борозан.
Таа нагласи дека нема нови вработувања на лектори и дека нема стипендии за ученици и студенти.
Прекинат е дури и конкурсот „Цртај на македонски јазик“ што успешно се реализираше три години, додаде Серафимовска-Борозан.
СДСМ, наведе таа, во изминатите години презеде конкретни чекори за заштита и унапредување на македонскиот јазик.
- Македонскиот јазик стана официјално признат во светот, но и рамки на ЕУ преку Договорот со ФРОНТЕКС.
- Обезбедивме буџетски средства за дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик – 5 милиони записи се трајно заштитени.
- Ги дигитализиравме Толковниот речник и Правописот правејќи ги достапни за сите граѓани.
- По првпат по 24 години вработивме научници во Институтот за македонски јазик.
- Донесовме закон што предвидува вработување лектори во сите институции и задолжително лекторирање на официјалните документи.
„Тоа се конкретни дела за македонскиот јазик. Министерот Љутков покажува огромна неспособност. На овој значаен ден, СДСМ ја повикува Владата веднаш да ги спроведе сите законски обврски од Законот за употреба на македонскиот јазик. Отворањето на Инспекторатот, вработувањето на лектори и обезбедувањето стипендии не се прашања на партија, туку прашања на национална должност. Македонскиот јазик заслужува државна грижа, а не партиски заборав“,
порачаа од СДСМ.