Според него, владата на СДСМ токму овој ден го прогласи за Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година кога е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо
Македонскиот јазик е нашиот код, коренот на нашиот идентитет, вели лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) по повод Денот на македонскиот стандарден јазик и 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.

„Македонскиот јазик е коренот на идентитетот и нашиот најсилен меѓународен промотор. Денес, нашиот јазик е признат и рамноправен во Обединетите нации и во Европската Унија. Тоа е резултат на посветена државна политика и визија“,
пишува тој.
Според него, на овој ден им оддаваме почит на сите создатели на македонскиот литературен јазик.
„Наша обврска, но и обврска на сите идни генерации е да го чуваме и негуваме нашиот македонски јазик. Не затоа што мораме, туку затоа што знаеме што значи да имаш својот глас во светот“,
вели Филипче.
Според него, Владата на СДСМ токму овој ден го прогласи за Ден на македонскиот јазик, во чест на 5 мај 1945 година, кога е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.
Со потпишувањето на договорот со ФРОНТЕКС на чист македонски јазик, додава лидерот на опозицијата, македонскиот јазик е вграден во европското законодавство и поставен е рамо до рамо со сите европски јазици.
На крајот од пораката, Филипче го цитира Блаже Конески, кога вели „Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски, ќе можеме да сметаме дека ја имаме и татковината“.