Двајцата водечки кандидати од денешните избори ќе се сретнат во вториот круг на 18 мај

Според првите излезни анкети објавени по завршувањето на првиот круг од повторените претседателски избори во Романија, кандидатот на Алијанса за обединување на Романците (АУР), Џорџе Симион, води со 40 проценти од освоените гласови по пребројани 85,02 отсто од гласовите.
На второто место е поранешниот национал-либерален политичар Крин Антонеску за кого, според пребројаните гласови, гласале 20,9 отсто од гласачите. Трет е градоначалникот на Букурешт, Никусор Дан, за кого гласале околу 19,9 проценти од Романците.
Според објавата на „Јуроп елект“, врз основа на податоци собрани до 22:15 часот, поранешниот премиер Виктор Понта освоил 14,1 проценти од гласовите, а претседателката на Синдикатот „Спаси ја Романија“ (УСР) Елена Ласчони има 2,6 проценти.
Двајцата водечки кандидати од денешните избори ќе се сретнат во вториот круг на 18 мај.
Победата на Симион, како што пишува Ројтерс повикувајќи се на политичките набљудувачи, би можела да ја изолира земјата, да ги еродира приватните инвестиции и да го дестабилизира источниот дел на НАТО, каде што Украина се бори против тригодишната руска инвазија.
„Ова не е само изборна победа, туку победа на романското достоинство. Тоа е победа на оние кои не ја изгубиле надежта, на оние кои сè уште веруваат во Романија, слободна, почитувана, суверена земја“,
рече Симион.
Тој во објава на својот фејсбук-профил заблагодарувајќи се на гласачите напиша дека Романците се победници на изборите.
Симион се спротивставува на воената помош за соседна Украина, критичен е кон раководството на ЕУ и вели дека е поврзан со движењето „Да ја направиме Америка повторно голема“ на претседателот на САД.
Победата на крајната десница би можела да доведе до тоа Романија – која граничи со Украина и е членка на ЕУ и НАТО – да отстапи од својот сегашен прозападен пат и да стане уште една деструктивна сила во рамките на блокот и трансатлантскиот одбранбен сојуз, пишува британски „Гардијан“.
Денешните избори во Романија се одржуваат откако на 6 декември минатата година, Врховниот суд ги поништи резултатите од првиот круг од претседателските избори.