Тој верува оти без зголемен притисок, Русија нема да преземе вистински практични чекори за прекин на војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека прекин на огнот со Русија, по повеќе од тригодишна војна, е можен во секој момент и ги повика сојузниците на Киев да извршат поголем притисок врз Москва за да ја воведе мерката.
Зеленски, зборувајќи на заедничка прес-конференција во Прага заедно со чешкиот претседател Петр Павел, рече дека доколку не се примени зголемен притисок, лидерот на Кремљ, Владимир Путин, нема да преземе вистински чекори за прекин на конфликтот.
„Веруваме дека прекинот на огнот е можен во секој момент, дури и почнувајќи од денес, и треба да трае најмалку 30 дена за да ѝ се даде вистинска шанса на дипломатијата“,
изјави Зеленски.
Тој верува оти без зголемен притисок, Русија нема да преземе вистински практични чекори за прекин на војната.
„Денес е 54-от ден откако Русија го игнорираше дури и американскиот предлог за целосно прекинување на огнот“,
додаде тој.
Зеленски рече дека мерката на Путин со која прогласи тридневен прекин на огнот од 8 до 10 мај е бесмислена и наместо тоа повика на безусловно примирје во траење од најмалку 30 дена, во согласност со предлогот на САД, објавен во март.
Украинскиот претседател рече дека наместо да изложува тенкови на парадата на победата на 9 мај, Путин треба да размислува „како всушност да ја заврши својата војна“.
„Потребни се три работи. Повеќе санкции против Русија, континуирана поддршка за Украина и значително зголемување на одбранбената соработка низ цела Европа. Русија мора да знае дека Европејците ќе се одбранат“,
рече тој.
Чешкиот претседател Петр Павел рече дека Русија сè уште не покажала никакви индикации дека сака да продолжи со мерки за завршување на војната.
„Ако некој ги има сите карти во рака да ја заврши војната, тогаш тоа е претседателот Путин, кој може да го стори тоа со една единствена одлука. Но, досега не се појавила волја“,
рече тој.