Според извештаите на палестинските власти, најголем дел од загинатите се жртви и деца
Кога хуманитарната состојба во Газа е на работ на целосен колапс, палестинските власти денеска соопштија дека само за едно деноноќие во Појасот Газа загинале најмалку 40 лица, од кои најголем дел жени и деца, додека, пак, повредени се над 125 лица. Вкупно, од почетокот на октомври 2023 г., според палестинските власти, загинале над 52 илјади Палестинци, а околу 120 илјади биле ранети.
Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека хуманитарната состојба во Газа е очајна, а условите „катастрофални“ поради израелската блокада која два месеци не дозволува влез на медицинска помош.
„Многу сме блиску до работ на бездната“,
изјави портпаролката на СЗО, Маргарет Харис.
Во меѓувреме, израелскиот Кабинет за национална безбедност во кој се вклучени некои од министрите во владата соопшти дека вечер ќе одржи состанок за да гласа за плановите за проширување на воената операција во Појасот Газа. Воен претставник изјави дека властите веќе испратиле покани до илјада резервисти.
Министерот за национална безбедност од крајната десница, Итаман Бен-Гвир, во интервју за Израелското воено радио изјави дека сака да види „моќно проширување“ на војната.
„Мора да го зголемиме интензитетот и да продолжиме сè додека не постигнеме целосна победа. Мора да извојуваме целосна победа“,
кажа Бен-Гвир.
Плановите за ескалација на воените дејствија во Газа по повеќе од 18 месеци војна доаѓаат во услови на продлабочување на хуманитарната криза во енклавата.