Мицкоски очекува министерот за здравство да одговори дали е точно дека постои договор помеѓу него и опозициската Демократска унија за интеграции за тивка меѓусебна поддршка на претстојните избори

Со министерот Арбен Таравари имаме секојдневна редовна комуникација како колеги во Владата, но ако реферирате на средба во однос на понатамошното фунцкионирање на Владата и неговата евентуална соработка со ДУИ на локалните избори, мислам дека уште утре ќе се сретнеме и ќе разговараме за овие прашања – рече премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање дали разговарал со Арбен Таравари по последните политички случувања во кои тој одлучи да настапи со свои листи на изборите, наместо со коалицијата „Вреди“ во која и неговата партија членуваше до неодамна.
„На таа средба јасно сакам да слушнам став – дали е точно дека има договор помеѓу Таравари и ДУИ дека во најмалку пет или шест општини каде тој ќе извади кандидати, ДУИ нема да извади, што прво значи себепонижување како политичка партија, а второ дека тивко ќе го поддржува. Тоа за мене е неприфатливо како претседател на Владата“,
кажа Мицкоски.
Претходно, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во гостување во емисијата „360 степени“, рече дека ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од изборното ветување дека ДУИ ќе биде во опозиција и оти доколку некој смета дека треба да соработува со нив, несомнено ќе биде во опозиција, дополнувајќи дека досега нема никаква официјална најава од Таравари дека ќе коалицира со нив, но и оти ако тоа се случи, ќе се смени и реалноста.
Дополнително, во однос на јавните прозивки од страна на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, премиерот вели дека од тоа што го слушнал, извлекол два заклучока, односно му порача на Ахмети да гледа во иднината, а не во минатото и оти наместо да се заканува, тој би требало да направи структурни реформи – дел програмски, а дел кадровски.
„За жал, господинот Ахмети изгледа сè уште живее во минатото зашто ако живее во сегашноста, ќе може да направи огромна материјална разлика меѓу минатото и луѓето од минатото и сегашноста во која тој е во опозиција, а околу него има многу милионери кои на грбот на граѓаните во Македонија се збогатија и тоа е основната причина зашто е тој во опозиција, и ако е мудар како што се претставува, Ахмети ќе извлече поука и наместо да се заканува, ќе направи структурни реформи, и програмски и кадровски во неговата партија и со нови ликови, нова програма ќе излезе пред македонските граѓани да ја бара довербата“,
рече Мицкоски.
Ахмети пред два дена за „Слободен печат“ изјави дека ако ескминистерот за економија Крешник Бектеши биде обвинет за трагедијата во Кочани, тој ќе излезе на улица и нема да се врати додека не испровоцира со локалните да се одржат и предвремени парламентарни избори.