Реакцијата на опозициската партија доаѓа откако на прес-конфернцијата посветена на започнувањето на работите на автопатот Тетово – Гостивар, првиот вицепремиер Изет Меџити кажа дека ако пред неколку години градежни активности беа гламурозни прес-конференции, сега се слушаат багери и камиони
Народот не заборава кој гради, а кој саботираше, а оние кои го саботираа немаат ниту морално, ниту политичко право денес да го присвојуваат – се вели во реакцијата на Демократската унија за интеграција по вчерашниот настан на свеченото започнување на градежните работи на делницата Тетово – Гостивар, дел од Коридорот 8. Одговорот на ДУИ следува откако вчера, првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, на официјалното започнување на градежните работи на автопатот Тетово – Гостивар, рече дека наместо фотообјективи, околу нив се слуша звукот на багери, камиони и булдожери, а само пред неколку години единствените градежни активности тука беа гламурозни прес-конференции и ленти кои никогаш не беа пресечени со асфалт, најверојатно мислејќи на фактот што минатата влада, која беше потписник на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д, во два наврати организира прес-конференции на две точки каде што треба да поминуваат делниците.
„Кога Демократската унија за интеграција работеше на обезбедување на финансирањето за Коридорот 8, тие гласаа ПРОТИВ. Кога ја потпишавме спогодбата, нè обвинија за криминален и коруптивен договор. Кога започнаа градежните работи, тие мобилизираа сè што имаа на располагање за да нè сопрат – со изјави, кампањи, блокади и отворена пропаганда. Но, уште поопасно и посрамно беше тоа што не го напаѓаа проектот само како ‘прескап’ или ‘сомнителен’, туку го прогласија за закана по националниот идентитет“,
се вели во соопштението на ДУИ.
Оттаму велат дека денеска истите тие кои го оспорувале проектот се сликаат пред него како да е нивен и се обидуваат да го претстават како своја лична заслуга и политичка победа, што, покажува дека тоа не е политика туку недостаток на карактер и хипокризија.
„Оние што го саботираа проектот немаат ниту морално, ниту политичко право денес да го присвојуваат. Напротив – тие треба јавно да се извинат за стравот и поделбите што ги посеаја, за блокадите и лагите што ги ширеа со години. Народот не заборави кој градеше, а кој саботираше и историјата ќе ги постави сите таму каде што навистина припаѓаат“,
реагираат од ДУИ.
Камен-темелник за изградба на автопатот Тетово – Гостивар во должина од околу 18 километри беше поставен вчера, а се очекува проектот вреден 90 милиони евра да биде завршен за две години.
Проектот за изградба на автопатот Тетово – Гостивар, кој е дел од Коридорот 8, опфаќа и изградба на девет натпатници, од кои осум се за поврзување на локалните патишта со новопроектираниот паралелен пат, еден натпатник е за новата клучка во Општина Боговиње и Општина Врапчиште, додека за реконструкција на клучката за излез од Тетово ќе се користи постоечкиот натпатник.
На поставувањето на камен-темелникот беа присутни премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерите Александар Николоски и Изет Меџити, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, како и американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, и претставник на компанијата „Бехтел и Енка“ и одговорен за проектот, Џош Бејкер.