Покрај казните, од Агенцијата за храна и ветеринарство објавија дека биле уништени 323 килограми небезбедна храна од месарниците
Во спроведени 73 вонредни инспекциски контроли на 30 април годинава, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство им одредија казни во вредност од 8 350 евра на 14 месарници за кои било утврдено дека имаат недоследности во работењето, информираат од АХВ.

Оттаму велат дека покрај казните, биле уништени и 323 килограми храна за кои било утврдено дека се небезбедни.
„Со спроведените контроли на месарниците издадени се 23 решенија за отстранување на утврдени недоследности. Тројца оператори ставале во промет небезбедна храна, кај седум се утврдени недостатоци во поглед на спроведувањето на правилата на добра производстевна и хигиенска пракса, а четири месарници немале спроведено задолжителен санитарен преглед на вработените“,
велат од АХВ.
Дополнително, се вели дека кај три месарници било утврдено дека имаат неправилности во однос на означувањето на производите, а за уште три било утврдено дека не се регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство.