И покрај подготвеноста на неговата земја, Зеленски е скептичен дека Русија би се согласила на евентуален целосен прекин на огнот
Украина е подготвена што поскоро да го прекине огнот, доколку Русија преземе слични вакви мерки, со кои би се одело кон целосен прекин на војувањето во траење од триесет дена, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното обраќање до нацијата.

Тој кажа дека во моментов се подготвува за низа состаноци кои се важни за неговата држава и за разговори со странските соработници за да дискутираат како да се влијае на Русија да се согласи на целосен прекин на огнот во наредните триесетина дена, со што пак би се отворило прашањето за целосен прекин на војната. Но, и покрај заложбите, вели Зеленски, тој останува скептичен дека Москва во моментов е подговтена на тоа. Тој кажа и дека економските услови во Русија сега се понеповолни бидејќи цената на нафтата сега е пониска.
„Затоа, санкциите против руските енергенти, против банките, дефинитивно можат да помогнат за воспоставување мир. Разговаравме за ова со нашите партнери. Знаеме дека нашите партнери нè слушнаа“,
рече Зеленски.
Дополнително, вели, сегашниот интензитет на битките и руските напади врз Украина сугерираат дека Русија сака само да ја продолжи војната, а не да разговара за мир.
„Одговараме на целиот фронт, како и во (руските) региони Курск и Белгород, каде што остануваме активни“,
кажа украинскиот претседател.
Пред два дена, САД се повлече од мировните преговори меѓу Украина и Русија, а портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на средбата со новинарите изјави дека САД ја менуваат методологијата за тоа како придонесуваат во разговорите и веќе нема да летаат околу светот при првиот повик за средби.
Киев и Москва сега мора да излезат со конкретни предлози за завршување на војната и да се состанат директно за решавање на конфликтот, додаде Брус.