Македонско здружение со седиште во Благоевград, „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија“, доби спор со државата Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур бидејќи бугарските власти одбиле да го регистрираат.

Одлуката на Европскиот суд е Бугарија да им плати на оштетените 7 500 евра, но нема обврска да го регистрира ова здружение.
Тужбата е поднесена во 2013 година и била врз основа на членот 11 од Европската конвенција за човекови права кој гласи: „1. Секој човек има право на слобода на мирно собирање и здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа синдикати и да им се придружува на синдикатите за заштита на своите интереси. 2. Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други. Со овој член не се забранува наметнување законски ограничувања за припадниците на оружените сили, полицијата или државната администрација.“
Бугарија, пак, како тужена страна во Стразбур се бранела дека постапила според нејзиниот Устав, односно здружението не било регистрирано бидејќи неговите цели биле против унитарноста на бугарската нација.
Владата на Бугарија навела и дека здружението можело да се регистрира како политичка партија, а истакнала и дека можело да побара нова регистрација откако бил донесен новиот механизам за регистрирање на почетокот на 2018.
Од здружението, пак, навеле дека судот во Стразбур повеќе пати констатирал повреда на членот 11 во случаи поврзани со македонски организации во Бугарија.
Во одлуката на судот пак, се наведува дека тужбата не е неоснована и одбивањето да се регистрира здружението претставува ограничување на неговите и на правата на членовите. Фактот што можело да побара нова регистрација од 2018, пак, оценува судот, не е релевантен.
