Владимир Путин му се заблагодари на Ким Џонг-ун за испратените војници. Русија и Северна Кореја потпишаа договор за стратегиски партнерство во јуни 2024 година, кој предвидува меѓусебна воена помош во случај на напад врз која било од двете земји

Околу 600 севернокорејски војници загинаа борејќи се заедно со руските сили во војната против Украина, изјави денес јужнокорејски пратеник и експерт за разузнавање.
„Досега воените жртви на севернокорејската војска се проценуваат на околу 4 700, вклучувајќи 600 смртни случаи“,
изјави пратеникот Ли Сеонг-Квен, член на парламентарниот комитет за разузнавање, по брифингот со јужнокорејските разузнавачки претставници.
Околу 2 000 ранети војници беа вратени во Северна Кореја по воздушен и железнички пат помеѓу јануари и март. Се верува дека се во изолација во Пјонгјанг и во други делови од земјата, рече Ли. Кога починале, нивните тела биле кремирани во Русија, а урните што ја содржеле нивната пепел биле вратени во Северна Кореја, додаде тој.
„Северна Кореја го поддржа руското повторно заземање на курскиот регион со распоредување на околу 18 000 војници во две фази. Од март, кога Курск беше повторно заземен, бројот на конфликти се намали“,
објасни претставникот.
Според него, можноста за трета фаза не може целосно да се исклучи, иако Пјонгјанг сè уште не дал никакви сигнали што би укажувале дека испраќа нови војници во Русија.
„Се проценува дека шест месеци откако севернокорејските сили влегоа во војната, нивните борбени способности значително се подобрија, бидејќи нивното почетно неискуство е намалено и тие станаа повешти во користењето на нови системи за оружје, вклучително и беспилотни летала. Сепак, поради долгиот период на распоредување, имаше извештаи за несоодветно однесување од страна на севернокорејските сили, како што се пијанство и кражба“,
додаде јужнокорејскиот пратеник.
Сеул претходно соопшти дека на војниците испратени во Русија, за кои се верува дека се специјални сили, им било наредено да извршат самоубиство за да избегнат заробување. Северна Кореја оваа недела за првпат призна дека испратила војска во Русија за да им помогне на руските трупи да ги вратат деловите од Курската Област што ги држат Украинците.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави во вторникот дека сите оние кои се бореле за правда се херои и дека ѝ донеле чест на татковината, објави официјалната новинска агенција КЦНА. Тој додаде дека наскоро во главниот град Пјонгјанг ќе биде подигнат споменик во знак на сеќавање на нивната храброст.
Владимир Путин му се заблагодари на Ким Џонг-ун за испратените војници. Русија и Северна Кореја потпишаа договор за стратешко партнерство во јуни 2024 година, кој предвидува меѓусебна воена помош во случај на напад врз која било од двете земји.