На почетокот тие беа пречекани со свиркање и со негодувања, но потоа ситуацијата се смири и му дадоа можност на Филипче на кратко да им се обрати на семејствата на загинатите во Кочани
Откако дел од пратениците на Левица излегоа пред родителите на настраните во Кочани, пред Собранието дојдоа и пратениците на пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), предводени од лидерот на партијата, Венко Филипче.

Пратениците на СДСМ на почетокот беа пречекани со свиркање и со негодувања.
„Убијци, убијци“,
извикуваа присутните на протестот.
За неколку минути ситуацијата се смири. Тогаш присутните на протестот порачаа:
„Добро е, барем овие се симнаа, се одважија, за разлика од некои“,
рекоа тие.
Филипче се обрати пред родителите кои во рацете ги држеа фотографиите на своите загинати деца и им порача дека се на нивна страна и дека даваат сè од себе во борбата за правда.
„Институционално го правиме тоа што можеме. Бараме истрагата да не биде селективна и тоа го правиме со сите расположливи инструменти“,
вели Филипче.

Родителите им се заблагодарија на пратениците од СДСМ, што некој од нив се одважил и дошол да ги слушне нивните барања.
„Кога бевте на власт, имаше две решенија за забрана на работа на шталата, како што некои од вашите колеги го нарекуваат местото каде што изгореа нашите деца. Што се случи со нив“,
праша една мајка на заминато дете.
Лидерот на СДСМ рече дека не сака да ја политизира ситуација и дека ќе бара институционално решавање на случајот.
„Тука сме да помогнеме. Но, не сакаме со овој чин да постигнеме политички поени“,
рече Филипче.
Претходно, родителите на загинатите деца во пожарот во Кочани пред Собранието побараа оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а пратениците ги повикаа да излезат и да им дадат одговори на нивните прашања.
Со транспаренти на кои пишува „Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има“; „Нема да има толку крв ако сè е по закон“, но и држејќи фотографии од своите починати деца, родителите на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани денеска точно напладне се собраа пред зградата на Јавното обвинителство на РСМ за најавениот „Марш на ангелите“.