Официјален Киев досега одбиваше какви било територијални отстапки, нагласувајќи дека територијалниот интегритет на Украина мора целосно да се почитува, во согласност со меѓународното право. Сепак, тие посочија дека привремено отстапување од територијата би било можно, но без никакви законски обврски
Русија објави дека е подготвена да води разговори со Украина без никакви предуслови, објави АФП, но речиси истовремено рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изнесе низа јасни барања што откриваат дека Москва има услови за преговори.

Како што пренесува АФП, руските државни медиуми објавија дека Кремљ е подготвен за дијалог со Киев без предуслови, неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп изрази сомнежи во волјата на рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине тригодишната војна во Украина.
Истовремено, во изјава за бразилскиот весник „Глобо“, Лавров нагласува дека меѓународното признавање на руската сопственост врз окупираните украински региони – Крим, Севастопол и делови од Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје – е „императив“ за преговори за завршување на конфликтот.
„Меѓународното признавање на руската сопственост врз Крим, Севастопол, Донецката Народна Република, Луганската Народна Република, Херсонската и Запорошката област е императив“,
рече Лавров користејќи ги имињата што Кремљ ги користи за украинските територии што ги окупирал.
Лавров во интервјуто, исто така, рече дека топката не е во нивниот двор, имплицирајќи дека одговорност на Киев е да направи отстапки за да ги помести преговорите надвор од ќор-сокакот.
Изјавите доаѓаат во време кога притисокот врз Украина расте по предлогот на администрацијата на Трамп за мировен договор што би вклучувал замрзнување на фронтовската линија и де факто признавање на руската контрола врз делови од украинската територија, вклучувајќи го и Крим.
Официјален Киев досега одбиваше какви било територијални отстапки, нагласувајќи дека територијалниот интегритет на Украина мора целосно да се почитува, во согласност со меѓународното право. Сепак, тие посочија дека „привремено отстапување“ од територијата би било можно, но без никакви законски обврски.