Трамп, исто така, го повика рускиот претседател Владимир Путин да „престане со пукање, да седне и да потпише договор“, со цел борбите да прекинат, сугерирајќи дека ова може да се постигне во рок од две недели

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави оти мисли дека неговиот украински колега Володимир Зеленски е подготвен да ѝ го отстапи Крим на Русија како дел од мировниот договор, пишува Би-би-си.
На прашањето дали мисли дека украинскиот претседател е подготвен да ја отстапи контролата врз својот јужен полуостров, Трамп одговори:
„Мислам дека да“.
Трамп, исто така, го повика рускиот претседател Владимир Путин да „престане со пукање, да седне и да потпише договор“, со цел борбите да прекинат, сугерирајќи дека ова може да се постигне во рок од две недели.
Тој ги даде коментарите за новинарите по враќањето од Ватикан, каде што имаше кратка средба со Зеленски пред погребот на папата Франциск.
Трамп рече дека средбата поминала добро и дека за Крим дискутирале многу кратко.
На најновите коментари на Трамп ниту Зеленски ниту Путин не одговорија јавно, се додава во написот на Би-би-си.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, во изјава за германската јавна телевизија АРД, рече дека Украина не треба да се согласи на најновиот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп да отстапи големи територии во замена за прекин на огнот со Русија бидејќи тоа би било капитулација.
Тој вели дека Киев веројатно е свесен оти за постигнување траен и одржлив прекин на огнот може да биде принуден да се откаже од некои територии.
Во саботата претседателот на Франција, Емануел Макрон, по средба со украинскиот колега Володимир Зеленски во Рим, објави оти Украина е подготвена за безусловен прекин на огнот.
На платформата Икс, Макрон напиша дека завршувањето на војната во Украина е цел што ја дели со американскиот претседател Доналд Трамп и дека Киев сака да соработува со Европа и САД за да постигне примирје.
Во петокот американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и рускиот претседател Владимир Путин имаа средба во Москва, по што Трамп повика на одржување разговори на високо ниво меѓу Украина и Русија со цел договор за ставање крај на конфликтот.
По средбата Виткоф-Путин, американскиот претседател оцени дека Москва и Киев се многу блиску до договор и дека повеќето од главните точки се договорени.