СДСМ бара оставка од Љутков, обвинуваат дека Владата ги понижила културните работници, ВМРО-ДПМНЕ им возврати дека тие ја претвориле културата во партиска каса и платформа за криминал
Не вреди извинувањето на министерот за култура Зоран Љутков, Владата на ВМРО-ДПМНЕ направи груб и срамен удар врз културните работници токму во пресрет на големиот христијански празник Велигден, обвини СДСМ. Наместо со зголемени плати, како што беше договорено со колективниот договор од 2021 година, вработените во културата празниците ги дочекаа без плата, додаваат од опозициската партија.
„Од мартовската плата требаше да започне корекција на примањата во согласност со потпишаниот колективен договор. Наместо тоа, културните работници беа игнорирани и дискредитирани со манипулативни изјави од самото Министерство – дека не работеле доволно, дека не ја заслужуваат платата, дека платите биле ’високи’. Ваквиот однос покажува целосна незаинтересираност на Владата за оние што ја носат културата на грбот“,
велат од СДСМ.
Од СДСМ прашуваат зошто не се почитува колективниот договор и зошто културните работници се навредуваат од страна на институцијата што треба да ги штити.
„Ако Љутков ако не е способен да ги исполни обврските, нека си поднесе оставка. Културните работници не се статисти во општеството. Тие создаваат вредности, чуваат традиција, ја градат колективната свест. И заслужуваат третман со достоинство, а не молк, навреди и игнорирање“,
додаваат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека опозицијата глуми загриженост и дека СДСМ се тие кои културата ја претвориле во партиска каса и платформа за криминал.
„СДС денес, кога се прославува Велигден, дрско повторно се обидува да го дефокусира вниманието од катастрофалното наследство што ѝ го остави на Македонија во културата. Јавноста добро памети кој ја газеше културата, кој ја претвори во мрежа на партиски вработувања и кој го користеше Министерството за култура како алатка за наградување на блиски личности и фаворизирани ’уметници’. Да потсетиме – во времето на СДС, од културата се делеа грантови без јасни критериуми, а дел од тие средства завршуваа кај лица блиски до партијата – дури и за проекти што никогаш не се реализираа. Последната министерка за култура во времето на Заев, заедно со други функционери, беше под лупа поради финансиски злоупотреби и вработувања на сопартијци и роднини“,
порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Извинувањето на именувано лице е коректен гест што јасно покажува разлика во пристапот, додаваат од владејачката партија.
„За разлика од времето на СДС, кога грубите навреди и дисквалификации врз уметници и институции беа секојдневие, денес имаме отчетност, одговорност и сериозен однос. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на вистинските вредности во културата – без привилегирани, без партиски кланови, туку со поддршка за сите што навистина творат, вложуваат и придонесуваат“,
посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Синдикатот на културата најавија протест за вторник поради неисплатените плати.
„Според Колективниот договор за култура платата требаше да се исплати до 10-ти во месецот, а според законите во Република Македонија до 15-ти. Вчера беше 17-ти и последен работен ден пред продолжениот викенд во очи на најголемиот христијански празник Велигден, а плата за сите културни работници немаше“,
се наведува во објавата на Синдикатот од 18 април.
Од Министерството за култура и туризам информираа дека вработените во институциите од областа на културата ќе ги добијат платите со потребното зголемување во првите два работни дена следната недела, согласно Законот и Колективниот договор. Причините за доцнењето, како што додаваат се заради усогласување на пресметките за плати со Министерството за финансии.
Министерот Зоран Љутков вчера на Фејсбук им се извини на вработените во културата кои останаа без плата пред велигденските празници. Според него се работи на процес кој ќе создаде основа за подобро, поправедно и достоинствено вреднување на работата во иднина.
„Свесен сум дека тоа е голем проблем кој предизвика непријатност за Вас и Вашите семејства, уште повеќе што ова треба да се денови на радост и семејна прослава. Искрено жалам што дојде до ова доцнење и покрај сите мои напори да се стигне на време. Причината за ова е долгогодишниот, нерешен проблем со усогласувањето на платите на вработените во културата што пак секоја година создава огромни проблеми. За конечно и трајно да го надминеме овој предизвик мораше да се усогласат сите засегнати страни, што не било пракса во минатото и сето тоа за жал, доведе до доцнење со исплатата“,
порача Љутков.