Уште пред главната вечер на Карневалот, градоначалникот Костадин Костадинов најави разрешување на Организацискиот одбор. Таа работа сега е завршена. Во одборот имаше луѓе кои со децении го градеа имиџот на Струмичкиот карневал
Никој, без резерва, не ја потврдува, но не ја ни отфрла веројатната причина за таквиот епилог – тоа што за принц на маскенбалот беше избран поранешен советник на ВМРО-ДПМНЕ и, неофицијално, можен кандидат за градоначалник на Струмица на претстојните локални избори
Секоја година, за православниот празник Прочка, Струмица станува епицентар за добра забава и место за уживање во уникатна традиција.
Тоа што денес претставува Струмичкиот карневал е резултат на многу вложени енергија и време низ децениите. Па, затоа и беше големо изненадување кога годинава, токму на денот на главниот настан, градоначалникот Костадин Костадинов обзнани дека Организацискиот одбор на карневалот ќе биде сменет. А во него членуваа луѓе со стаж и од 35 години, како претседателот Александар Цицимов.
„Нашиот карневал е составен дел на нашиот идентитет и никој, ама баш никој нема право да го чепка, разурнува или да прави груби обиди за партизација“,
напиша своевремено Костадинов.
Формално, одлуката беше донесена две недели по завршувањето на карневалот, на редовна седница на Советот. На расправата се слушна тезата дека причината за разрешувањето на одборот е тоа што за принц бил избран Митко Дрвошанов, поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ, но и еден од можните кандидати за градоначалник на локалните избори наесен.
„За жал, оваа година се соочуваме со обвинување за партизација, па сакам да го прашам градоначалникот за каква партизација зборува кога сте 20 години на власт. Бевте задоволни и не беше партизација кога за принц и принцеза се избра маската на луѓето на кои вие сте кум. Ќе се сетите пред две години за која маска ви зборувам“,
кажа претседателот на Советот на Општина Струмица.
Писмена изјава до Советот даде и разрешениот претседател, кој бил на чело на одборот 35 години. Ја прочита шефот на струмичкиот совет.
„За жал, наместо универзална радост, настанот беше засенет од јавна осуда на одборот за огранизацијата дека го уназадува и партизира истиот со најава за негово разрешување. Сепак, убеден сум дека сите вие добро знаете дека соодветната причина е несоодветниот избор на принц и принцеза на карневалот, за што најдобар доказ е бурната реакција по изборот и непримерното однесување на поединци, пропратено со навреди и закани кон членови на одборот“,
се вели во писмото на Александар Цицимов.
Седница на Советот на Општина Струмица
Одборот беше разрешен од страна на мнозинството кое го има СДСМ.
Зошто Организацискиот одбор беше сменет на главната вечер од фестивалот?
Месец и половина од настанот, кога за многумина темата падна во заборав, ја посетивме Струмица трагајќи по одговори – која е вистинската причина за разрешувањето на одборот.
Првата адреса на која се обративме беше градоначалникот, од кого и дојде иницијативата за смена. На прашањето зошто одлуката ја донесе и соопшти токму пред главната вечер на карневалот и дали има вистина во обвинувањата дека одлуката е донесена поради изборот на овогодишниот принц, Костадинов одговори:
„Сите здрави одлуки се уште подобри доколку го погодиме и моментот на носење на одлуката. Моментот за разрешување на карневалски одбор и менување на пристап – кога ако не за време на карневалот? Така да, сметам дека и моментот го погодивме и одлуката е поддржана од огромно мнозинство на струмичани“,
изјави градоначалникот на Општина Струмица.
Костадин Костадинов – градоначалник на Општина Струмица
Во однос на обвинувањата кои ги упати дека имало обиди за политизација на Струмичкиот карневал, Костадинов вели дека имал индиции оти е направен обид да се политизираат одредени одлуки, и тоа и од одборот и од дел од учесниците.
„Можеби и од едната и од другата страна имаше некаква комуникација и обиди за политизација. Тоа се сомнежи коишто не смееме да дозволиме на штета на повеќевековното чудо, струмичкиот карневал, да ни се случуваат такви појави“,
вели Костадинов.
Дента кога бевме присутни во Струмица, во Домот на армијата се одржуваше редовната педесетта седница на Советот на Општината.
Се обидовме да добиеме став од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но бевме одбиени. „Не“ беше одговорот на Елена Достинова, која беше една од најактивните во критиките минатиот месец и која самата била членка на разрешениот одбор. Исто постапи и координаторот на советничката група.
Елена Достинова – Советник во Општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ
За разлика од нив, за разговор беа расположени советниците од владејачкиот СДСМ. Пред сѐ претседателот на Советот, кој, за разлика од градоначалникот, различно гледа на настаните од денот.
„Сметав дека Цицимов и другите членови во карневалскиот одбор не заслужуваат преку ноќ ние да ги разрешиме и требаше ние со поладни глави да седнеме и да видиме што е работата“,
изјави Даскаловски.
Даскаловски вели оти вина има и кај двете страни, бидејќи е точно дека годинава имало помал број карневалски групи и оти се добива впечаток дека одборот недоволно се ангажирал за организација на карневалот. Но, дециден е и дека политиката треба да ги тргне рацете од манифестацијата.
„Овде не треба да има никаква политика. Политиката треба да се тргне на страна, јас не гледам дека имало некаква политика, да, дали случајно, дали не, поранешен советник од ВМРО-ДПМНЕ е избран за принц и принцеза, но не знам, не сум бил таму и не можам да судам“,
кажа Даскаловски.
Марјан Даскаловски – Претседател на Советот на Општина Струмица
Единствен од членовите кои беа разрешени, а кој се охрабри да зборува беше Александар Ненчев, кој воедно е координатор на советничката група на СДСМ. Не сакаше директно да одговори на прашањето кој и како се обидел да го политизира карневалот – туку рече дека навистина дошло време да се направат промени во одборот.
„Да дадеме можност на новиот одбор, којшто се надевам ќе биде во скоро време достовано како јавна објава да биде избран да конкурираат по однос на јавна објава со, претпоставам, некоја соодветна изготвена нивна програма за учество и каде што би сакал лично јас да се ограничи времето на членување во тој карневалски одбор, дали до четири или на осум години, знаеме многу време, многу седење на исто столче малку и нѐ спласнува во активноста“,
рече Ненчев.
Александар Ненчев – координатор на советничката група на СДСМ
Дека е потребна смена се согласни и струмичани, притоа изразувајќи пофалби за досегашната работа на претседателот.
Ако е некој долго на власт, треба да се промени, ако бидеш – биди четири или пет години и ништо повеќе, така да по 5, 10, 20 и 30 години, не. Нека има новитети, има помлади, можеби ќе внесат нешто подобро и поубаво, така да сум за промени, а на пример, човекот е скромен и добар, но ништо не е вечно.
Можеби е време, но тој си ја вршеше работата многу добро, поплаки од него нема, лично го познавам и си ја вршеше работата точно, јасно и гласно.
Политиката од сѐ треба да се тргне, друго немам ништо што да кажам.
Без постоечко тело, сите активности, како и соработки со карневалите од странство, се ставени на пауза. Така ќе биде до изборот на нов одбор, кој, според градоначалникот, ќе биде потранспарентен и отворен за секој кој има што да понуди, во процес во кој ќе биде вклучено и искуството на досегашниот одбор.
„Не постои струмичанец којшто не е согласен дека треба да има промени. Промените се случуваат, да, сега за време на карневалот, за да ја пуштиме пораката дека сите ние сме решени да го подобриме струмичкиот карневал. И токму заради тие ставови, за одредени луѓе кои велат дека тие луѓе се најголемите виновници за афирмација, им овозможуваме повторно нивното искуство да го споделат со нас, помладите. А промени, да, промени се здрави да се случуваат и промени мора да има“,