Самоопределување утре, ден пред последниот рок што го одреди Уставниот суд за донесување одлука за декретот на претседателот на државата, ќе одржи „пробен протест“ во Приштина
Амбасадата на САД во Косово ги повика сите партии и институции во земјата да ја испочитуваат одлуката што до задутре, 29 мај, треба да ја донесе Уставниот суд во врска со декретот на претседателот на државата Хашим Тачи за мандатирање на кандидатот на Демократскиот сојуз на Косово), Авдулах Хоти за формирање нова влада, јави МИА од Приштина.
Од американската амбасада за порталот „Лајми.нет“ изјавија дека почитувањето на судските одлуки „не е опција“, туку „клучно прашање за косовската демократија“.
„Веруваме дека е клучно прашање за косовската демократија сите партии и институции да ги почитуваат одлуките на Уставниот суд,
порача американското дипломатско претставништво во Приштина.
Откако пред два месеца, беше изгласана недоверба на Владата, предводена од лидерот на Самоопределување, Албин Курти, претседателот на државата го додели мандатот за формирање нова влада на Демократскиот сојуз на Косово, како второрангирана партија на октомвриските избори.
Тачи неколку пати го повика Самоопределување да предложи кадндидат за премиер, а откако партијата на Курти не одговори на неговите повици, на 30 април тој му го додели мандатот на Хоти. Утредента, на 1 мај, Самоопределување го оспори пред Уставниот суд правото на Тачи да го додели мандатот на која било друга партија, освен на онаа која победила на парламентарните избори.
Курти неколку пати последниве денови порача дека одлуката на Уставниот суд ќе ја почитува „единствено доколку таа е толкување на Уставот, а не негово допишување“. Од Самоопределување сметаат дека нова влада треба да се избере на нови предвремени парламентарни избори.
Партијата на Курти утре, ден пред последниот рок кој го одреди Уставниот суд на Косово за донесување одлука во врска со декретот на претседателот на државата, ќе одржи „пробен протест“ во центарот на Приштина, на кој, според најавите, се очекува да учествуваат пет илјади нивни членови и поддржувачи. Таква „проба“ партијата на Курти веќе одржа на 12 мај, но тогаш учествуваа околу 400 лица.