Во 10-члената група полициски службеници против кои е поведена истрага се и седумтемина за кои државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера рече дека е издадена наредба за приведување. Шест од нив се лишени од слобода, а по еден се трага. Другите тројца осомничени од претходно издржуваат мерка притвор
Според поднесените кривични пријави, во период од 2012 до 2022 година осомничените полициски службеници, меѓу кои началници, помошник-началници, командири, инспектори од СВР Штип и ОВР Кочани потпишувале акти и известувања, доставувале мислења, овозможувајќи „Пулс“ да се стекне со лиценца за угостителска дејност кабаре
Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривични пријави, а Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) покрена истрага против десет полициски службеници во врска со трагедијата во Кочани во која загинаа 61 лице. Осомничени се дека во периодот од 7 декември 2012 година до 21 јануари 2022 година како соизвршители сториле тешки дела против општата сигурност.
Во 10-члената група на полициски службеници против кои е поведена истрага се и седумтемина за кои државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера рече дека е издадена наредба за приведување. Шест од нив се лишени од слобода, а по еден се трага. Другите тројца осомничени од претходно издржуваат мерка притвор, односно се дел од седумтемина полициски службеници што беа уапсени неколку дена по пожарот.
Сега тие повторно се опфатени во новата истрага, затоа што, како што појаснуваат од Обвинителството, за нив се поднесени две кривични пријави за исто дело, но кое го сториле во различен временски период.

Во соопштението во кое информира за поднесените кривични пријави, МВР ги објави иницијалите на десеттемина полициски службеници и нивната функција во времето на извршување на кривичното дело:
- П.С. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник во СВР Штип);
- Ј.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип);
- С.Д. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќај во Одделение за полиција во СВР Штип);
- М.С. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник на одделение во Одделение за полиција во СВР Штип);
- Љ.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник во СВР Штип);
- В.П. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор по сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип);
- Д.А. (во време на извршување на кривичното дело самостоен инспектор за јавен ред и мир во СВР Штип);
- А.А. (во време на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник на СВР Штип);
- В.И. (во време на извршување на кривичното дело на работно место документарист во ПС ОН Кочани во СВР Штип);
- А.Т. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место командир на ПС ОН Кочани).
Според поднесените кривични пријави, во период од 2012 до 2022 година осомничените полициски службеници, меѓу кои началници, помошник-началници, командири, инспектори потпишувале акти и известувања, доставувале мислења овозможувајќи „Пулс“ да се стекне со лиценца за угостителска дејност кабаре.
„Не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна проверка пред да биде издадена позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре, со што предизвикале опасност за животот и телото на луѓето на место каде што се собираат поголем број луѓе, при што на 16.03.2025 во кабаре ‘Пулс’ настанат е пожар во кој животот го загубија 61 лице“,
наведуваат од МВР.
Првопријавениот П.С. на 7 декември 2012 година потпишал акт со кој дал согласност оти кабарето „Пулс“ поседува елаборат за заштита од пожари и опасни и експлозивни материи и ги исполнува законските услови во делот на сообраќај. Актот го доставил до Министерството за економија, овозможувајќи ѝ на фирмата „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани да ѝ биде издадена лиценца за вршење угостителска дејност на кабарето „Пулс“ од 13 декември 2012г.
Второпријавениот Ј.Т. и третопријавениот С.Д. на 10 февруари 2018 година, не извршувајќи целосна проверка, изготвиле мислење во кое се констатира дека кабарето „Пулс“ ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавниот ред и мир и во делот на сообраќај.
„Четвртопријавениот М.С. и петтопријавениот Љ.Т. иако знаеле и биле должни да знаат дека кабарето ‘Пулс’, претставувано од ‘Класик ДМ’ ДООЕЛ Кочани не ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и сообраќај, на 10.02.2018 и 24.01.2019 одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кое е констатирано дека се исполнети законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и сообраќај“,
наведуваат од МВР во соопштението.
Понатаму, како што посочуваат од МВР, шестопријавениот В.П. на 24 јануари 2019 година и 21 јануари 2022 година изготвил акт до Министерството за економија со кој констатирал дека „Пулс“ ги исполнува исполнува законските услови во делот на сообраќај. Тоа, според МВР, го направил не извршувајќи ги потребните проверки со кои би утврдил дека не се исполнети законските услови за давање на согласност во делот од сообраќајот.
„Седмопријавениот Д.А. на 21.01.2022 изготвил акт со кој на ‘Класик ДМ’ ДООЕЛ Кочани – кабаре ‘Пулс’ му издава согласност за вршење на угостителска дејност и истото го доставил до Министерство за економија, спротивно на член 6 став 3 од Законот за угостителска дејност. Иако знаел дека во кабаре ‘Пулс’ имало нарушувања на јавниот ред и мир, не извршил никакви проверки, туку се повикал на одговорот од ОВР Кочани во однос на нарушувањата на јавниот ред и мир, во кој пак не била правилно отсликана вистинската фактичка состојба, по што констатирал дека кабаре ‘Пулс’ ги исполнува законските услови во делот на јавен ред и мир и сообраќај“,
додаваат од Министерството.
Осмопријавениот А.А. и второпријавениот Ј.Т. на 21 јануари 2022 одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кое е констатирано дека се исполнети законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и сообраќај.
„Деветтопријавениот В.И. на 21.01.2022 изготвил телеграма во која наместо да даде точни и целосни податоци дека во кабаре ‘Пулс’ и во близина на истото има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, истиот дал податоци само дека во кабарето, односно во правното лице ‘Класик ДМ’ ДООЕЛ Кочани во 2021 година имало едно нарушување на јавниот ред и мир, а истиот иако знаел дека има нарушувања на јавниот ред и мир и пријавени кривични дела во 2019 и 2020 година, не дал никакви податоци за истите. Десеттопријавениот А.Т. иако знаел и бил должен да знае дека има повеќе пријавени нарушувања на јавниот ред и мир во близина на кабаре ‘Пулс’, истиот вака изготвената телеграма ја контролирал, одобрил и потпишал со своерачен потпис“,
се додава во соопштението на МВР.