Државниот јавен обвинител не можеше да каже дали станува збор за актуелни полициски службеници и дали се на некоја функција
По изјавата на Коцевски дадена за време на интервјуто во „Топ тема“ на ТВ Телма, со куса информација се огласија од ОЈО ГОКК, од каде што велат дека „во рамки на предистражна постапка МВР постапува на терен во врска со обезбедување на полициски службеници“
Јавен обвинител издал наредба за приведување на уште седум полициски службеници во врска со истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 61 лице, а речиси 200 се повредени.

Ова вечерва го соопшти државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој во интервју за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма рече дека информацијата ја добил во моментот и дека во тек е приведувањето на полициските службеници.
Кажа и дека тие утре ќе бидат изведени пред јавен обвинител, а потоа и пред судија на претходна постапка.
Коцевски информацијата ја соопшти додека одговараше на прашање во врска со полицајците кои вечерта кога се случи трагедијата (16 март) биле во објектот во рамки на акција за откривање дрога и присуство на малолетници.
„Во однос на полициските службеници што биле ноќта, Јавното обвинителство сè уште прибавува докази зошто отишле, по чиј налог отишле, што презеле кога се случил пожарот. Во однос на тоа кои се тие полициски службеници и што се дел од истрагата, Јавното обвинителство за дел веќе има отворено истрага, меѓутоа еве ќе кажам во моментов, во овој момент ми јавуваат дека има издадено наредба за приведување на уште седум полициски службеници и во моментов истите ќе бидат приведени, со тоа што утре ќе бидат изведени пред јавниот обвинител, а потоа пред судија на претходна постапка. Што значи дека истрагата во моментов се проширува за уште седум полициски службеници“,
рече Коцевски.
Одговорајќи на дополнително прашање, државниот јавен обвинител не можеше да каже дали станува збор за актуелни полициски службеници и дали тие се на некоја функција.
„Во моментов не можам да ви кажам, со оглед дека сега ми стигна известување дека јавниот обвинител издал наредба за приведување на уште седум полициски службеници… Сите полициски службеници се во врска со кривичноправниот настан за кабарето „Пулс“,
рече тој.
Она што можеше да го потврди Коцевски е дека полициските службеници се во надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
„Да, тие се во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со тоа што можам да потврдам дека до последниот момент на завршување на истрагата може да има и нови, што значи дека истрагата е сега во тек. Во текот на истрагата можеби ќе се дознаат нови околности и факти, ќе се дознаат пропусти на нови лица, што значи дека истрагата може да опфати и други лица“,
додаде државниот јавен обвинител.
По изјавата на Коцевски, со куса информација се огласија од ОЈО ГОКК.
„Во рамки на предистражна постапка МВР постапува на терен во врска со обезбедување на полициски службеници, до ОЈО ГОКК е доставена кривична пријава“,
информираа оттаму и повеќе информации најавија во текот на утрешниот ден.
Оттаму потврдија дека кривичната пријава што е доставена до ОЈО ГОКК е од Министерството за внатрешни работи (МВР).

За потсетување, три дена по трагедијата во Кочани, односно на 19 март, беа приведени и им беше одреден 30-дневен притвор на седуммина поранешни високи полициски службеници од Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип и од Полициската станица од општа надлежност (ПСОН) Кочани.
Викендов истрагата за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани беше проширена за уште 19 лица кои, како и претходните, се осомничени за тешки дела против општата сигурност (член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик).
Во рамки на истрагата во саботата беа приведени поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири, кадри на ДУИ, како и актуелниот министер без ресор и ексдиректор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу. Меѓу уапсените е и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами, кадар на ВЛЕН.
Во истрагата досега се опфатени 52 лицаи три фирми.