„Во истрагата првпат, како никогаш досега, се опфатени голем број лица, како партиски определени, така и луѓе што не се дел од политиката. Во притвор се луѓе од СДС, ДУИ, но и од ВМРО-ДПМНЕ, како и лица од општествениот живот“, се вели во реакцијата од партијата на власт
Кога потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз, Кристина Костова, има забелешки во однос на истрагата во Кочани, треба да има предвид дека републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски е избран токму во време на владеење на нејзината партија. Ова е вечерашната реакција на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на интервјуто на Костова, дадено во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, во кое праша како премиерот Христијан Мицкоски, пред нешто повеќе од четири недели, заговарал улични притисоци и пресметување токму со лица од Јавно обвинителство, вклучувајќи го и јавниот обвинител, а по трагедијата во Кочани, за 180 степени да се преориентира и одеднаш да стане задоволен од начинот на кој работи Коцевски.

„Во однос на истрагата за трагедијата во Кочани, истрагата е сè уште во тек и првпат како никогаш досега, опфатени се голем број на лица, како партиски определени, така и луѓе што не се дел од политиката. Во притвор се луѓе од СДС, ДУИ, но и од ВМРО-ДПМНЕ, како и лица од општествениот живот“,
се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Поради тоа, велат од партијата на власт, Костова не може да не ја интересира тоа што било порано во времето на владеењето на нејзината партија.
„Зашто хаосот во државата е резултат токму на нивното седумгодишно владеење. Сега е време во кое треба да се стави крај на тој хаос. А СДС не може да се дистанцира од своето минато“,
пишуваат од партијата на власт.
Според нив, потпретседателката на СДСМ треба да ја интересира тоа што било во минатото, зашто целото потесно и пошироко раководство е дел од третиот и четвртиот ешалон за време на владеењето на Зоран Заев.
„И Венко Филипче, како негова марионета, го постави на претседателското партиско столче“,
стои во реакцијата.