Во декурзус и отпусно писмо, како што наведува директорот на ДСЗИ, стои евидентирано дека една од процедурите што била во опција за третман на пациентот е TEVAR-торакална ендоваскуларна аортна реконструкција, но во моментот на Клиниката имало недостаток на стентови за таква интервенција, а ангиографската сала во која се извдуваат такви интервенции е во градежен зафат заради поставување компјутер
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска спроведе вонреден инспекциски надзор во државната Кардиохирургија, постапувајќи по наредба на министерот за здравство Арбен Таравари, а во врска со починатиот пациен Т. А., од Скопје, на Клиниката.
Директорот на ДСЗИ, д-р Кирил Лазов, во изјава за МИА рече дека во делот на водењето на здравствената евиденција не се констатирани недостатоци, но во делот на стручното работење на здравствените работници иницира формирање комисија за стручен надзор од страна на министерот за здравство.

„Од увидот на медицинската документација за пациентот, историја на болест, упати и извештаи од ‘Мој термин’, изјави од ординирачки доктор специјалист васкуларен хирург и доктор на дежурство специјалист кардиохирург е констатирно дека пациентот Т. А. е донесен на ЈЗУ УК за државна кардиохирургија – Скопје на ден 08.04.2025 со возило на ИМП како итен случај упатен со дијагноза – абдоминална болка, по претходно спроведени иследувања во ЈЗУ ГОБ ‘8 Септември’: ЕХО преглед на абдомен и КТ со наод за дисекција на аорта“,
вели директорот на ДСЗИ.
По прием на Кардиохирургија, пациентот бил прегледан од страна на дежурен лекар специјалист кардиохирург, евидентирана анамнеза и наод и консултиран субспецијалист васкуларен хирург, по што е креиран болнички упат и запис за прием во 15:23 часот под дијагноза дисекција на торакоабдоминална аорта Stanford tip B Dissectio.
„Ова е прв прием на пациентот за третман и лекување на ЈЗУ УК за државна кардиохирургија – Скопје и според анамнезата, нема податок дека примал каква било хронична терапија. При прием пациентот бил со јака епигастрична болка која се ширела кон грбот, висок крвен притисок 270/150 mm. Направени лабораториски иследувања, инвазивен мониторинг, третман во оддел за интензивна нега, ординирана соодветна терапија, по што притисокот се стабилизирал 140/80 и пациентот бил без болки“,
објаснува Лазов.
Во декурзус и отпусно писмо, како што наведува, стои евидентирано дека една од процедурите што била во опција за третман на пациентот е TEVAR-торакална ендоваскуларна аортна реконструкција, но во моментот, на Клиниката имало недостаток на стентови за таква интервенција, а ангиографската сала во која се извдуваат такви интервенции е во градежен зафат заради поставување компјутер.
„Поради причините наведени погоре, издаден е упат за ЈЗУ УК за за торакална и васкуларна хирургија – Скопје, но добиен е извештај дека кај нив нема можност за изведување на ендоваскуларен третман поради поправка на дел од ангиографот, а и не се изведуваат интервенции на торакална аорта, туку само васкуларни процедури на абдоминална аорта, а уште повеќе што не располагале ниту со TEVAR-стент графтови“
рече директорот.
Поради наведеното, според отпусното писмо, на семејството му било предложено да побараат второ мислење од друга приватна здравствена установа, што се занимава со ваква проблематика.
„Во тие моменти имало изразена агресија од синот и зетот на пациентот кон здравствените работници, поради што биле повикано обезбедување и полиција“,
кажа тој.
За време на престојот и иследувањата на Клиниката, при ЕХО-преглед е утврдена митрална регургитација поради оштетување на срцев залисток, што дополнително доведува до висок ризик од смртност доколку се извршела отворена хирушка интервенција во операционата сала што работи.
„По добиен податок од семејството дека во приватните болници им е побарана висока сума за TEVAR-интервенција, им била понудена опција за лекување во странство со предлог од клиниката до ФЗОРСМ, кое семејството го прифатило. За време на престојот на клиниката, пациентот бил стабилен со 130/80 mmHg, но во 5:20ч. наредниот ден, настапува нагло влошување со брадикардија и асистолија, по што пациентот е интубиран, отпочнато со кардиопулмонална реанимација по протокол, и по 40 минути настапува смрт на ден 09.04.2025г. во 06:45часот“,
објаснува Лазов.
Била предложена патоанатомска обдукција, но, како што наведува, семејството одбило.
„Во писмената изјава на субспецијалистот васкуларен хирург, како и во записникот од Стручниот колегиум на клиниката одржан на 14.04.2025година, наведено е дека кај пациентот се работело за т.н. некомплицирана ‘Тип Б’ дисекција на аорта, со оглед на тоа што симптомите и болките исчезнале и од тие причини пациентот е лекуван конзервативно“,
се вели во извештајот од контролата на ДСЗИ.
Лекувањето со TEVAR-интервенција или отворен хирушки третман, како што појасни, би довело до комплицирана состојба поради неговиот дијагностициран проблем со митрална регургитација и со висок ризик по животот.
Операциона сала што е во фаза на реновирање, како што додаде, ќе продолжи со работа по 15 мај годинава, а за набавка на стентови за оваа интервенција во тек е јавна набавка и тие ќе бидат обезбедени кога ќе почне со работа реновираната операциона сала.
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска рече дека е информиран за случајот, како и дека пациентот бил примен на клиниката, и дека се преземени сите мерки.
„Не е точно дека пациентот не е примен. Примен е. Јас ви кажувам дека едната сала се реновира на Кардиохирургија, другата сала – функционира. Немало друг случај, па овој требало да чека. Туку требало притисокот да се стабилизира со притисокот за да може да се оперира“,
рече Таравари.