Од 22 март, кога беше воведена, до денес вкупно 4 783 граѓани ја прекршиле забраната за движење, од кои 3 110 се приведени и поднесени се 2 630 кривични пријави за 3 137 дела против 3 412 сторители, информира министерот за внатрешни работи Наќе Чулев соопштувајќи ја статистиката за почитувањето на полицискиот час во изминатите речиси три месеци, по вчерашната одлука на Владата за негово укинување.
Најголем дел од случаите се на подрачјето на Скопје и Битола, а најдисциплинирани биле жителите на Велес и Куманово.
Сто шеесет и девет лица добиле кривични пријави за непочитување на мерките за изолација и самоизолација, а досега се казнети 1 973 лица за неносење лична заштита.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во изминатиот период постапувал по 57 настани за говор на омраза поврзани со ковид-19 и по оваа основа до ОЈО се поднесени 33 известувања и две кривични пријави.
Над 5 000 македонски државјани спроведени во државен карантин
Од почетокот на епидемијата досега 5 030 лица се спроведени во државен карантин, а во моментов 816 лица се сместени во 11 објекти. Следните денови се очекува пристигнување на уште 56 наши државјани од странство.
И додека изолацијата придонела за зголемување на случаите на семејно насилство за речиси 45 проценти, Чулев рече дека ограниченото движење го намалило бројот на сообраќајни несреќи за 40 проценти, особено на оние со тешки последици.
Чулев на прес-конференцијата апелираше до граѓаните, со укинување на дел од мерките, да го задржат потребното ниво на одговорност и дисциплина и да ги почитуваат мерките и одлуките на Владата за задолжително користење лична опрема, за групирање и држење физичко растојание и најави засилени контроли од полицијата.
Поради засилениот ангажман на полицијата во овој период – контрола на лицата во изолација и самоизолација, обезбедување на државните карантини, спровод на лицата кои се враќаат со хуманитарни конвои, Чулев побара од Владата припадниците на полицијата да бидат парично наградени.
*Поврзана вест
Ангеловска: Предлогот на Чулев за награда на полицајците не кореспондира со барањето за ребаланс
