Државниот обвинител рече дека покрај осомничените министер за економија, државен секретар и уште тројца раководни службеници, новоосомничени се уште три лица кои од формирањето на „Пулс“ ја извршувале функцијата министер за економија, двајца државни секретари и уште три службени лица на раководни позиции во одделите за угостителство и туризам
„Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата бидејќи нема ниту еден доказ дека сопственикот на клубот иницирал постапка за нова лиценца во 2025 година“, рече Ковецски

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска изнесе детали за проширувањето на истрагата за пожарот во кочанското т.н. кабаре „Пулс“ во кој 61 лице го загубија животот, а околу 200 беа повредени. Тој повтори дека истрагата е проширена за нови 19 лица кои, како и претходните, се осомничени за тешки дела против општата сигурност (член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик).
Од нив за четворица осомничени е предложена мерка притвор, за седум – мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување комуникација, а за уште седум лица се предложени мерки за претпазливост. Еден осомничен во моментот на отворање на истрагата е надвор од државата (амбасадорот и ексминистер Дртитон Кучи, н.з.).
„Покрај оние за кои постојат сомненија за директна одговорност како сопственици, управители и организатори на забавата, обезбедување на клобот на критичната ноќ и корисници на пиротехничките средства се истражува и одговорноста на сите институции и службени лица кои со своите незаконити дејствија и пропусти довеле до тоа кабарето ‘Пулс’ во Кочани од самиот почеток, во подолг временски период, па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата што го посетувале објектот“,
рече Коцевски.
Локална власт
Покрај тројцата градоначалници на Кочани што се веќе осомничени, Обвинителството има основано сомнение за можна одговорност и на тројца овластени општински градежни инспектори кои постапувале спротивно на своите овластувања.
„Воопшто не извршиле никаква инспекциска контрола на објектот што со години бил незаконски пренаменет од објект за лесна индуствија, во угостителски објект без никакви безбедносни стандарди“,
рече државниот обвинител.
Дирекција за заштита и спасување
Во однос на одговорноста кај Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), освен за осомничениот директор, истрага е отворена и за уште три лица на истата функција вклучителни и за актуелниот директор, како и за генералниот инспектор во Дирекцијата кој бил на таа позиција во текот на целиот период на функционирање на клубот.
„Постои сомнение дека тие постапиле спротивно на нивната должност предвидека во Законот за заштита и спасување и Законот за инспекциски надзор и целосно ги запоставиле своите надлежности, не само во оснос на овој клу, туку и во останатите угостителски објекти во државата. Низ годините ниту еднаш, согласно ризиците кои постоеле и кои морале да ги имаат предвид не спровеле мерки на набљудување, следење и инспекциски надзор над објекти кои вршат угостителска дејност, дискотеки и кабареа. Со своето неизвршување на должностите, спротивно на јавниот интерес, во целост го нарушиле системот на заштита и спасување и со тоа во континуитет ги изложиле граѓаните на опасност од непроверени и контролирани објекти од аспект на исполнувањето на потребните законски услови за безбедност, заштита од пожари и опасност по нивното здравје и живот“,
посочи Коцевски.
Министерство за економија
Обвинителот рече дека покрај осомничените министер за економија, државен секретар и уште тројца раководни службеници, новоосомничени се уште три лица кои од формирањето на „Пулс“ ја извршувале функцијата министер за економија, двајца државни секретари и уште три службени лица на раководни позиции во одделите за угостителство и туризам.
„Сите тие, како и претходно осомничените, во Министерството за економија се истражуваат затоа што му овозможиле на на кабаре клуб ‘Пулс’ да добива лиценци без да ги исполнува минимално техничките услови за работа и незаконито да продолжи со вршење на угостителската дејност за целиот период од отворањето до пожарот. Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата бидејќи нема ниту еден доказ дека сопственикот на клубот иницирал постапка за нова лиценца во 2025 година“,
рече тој.
Државен пазарен инспекторат
Од аспект на Државниот пазарен инспекторат, Коцевски рече дека истражните дејствија упатуваат на основани сомненија за уште четири пазарни инспектори кои биле надлежни да вршат инспекциски надзор за правилна примена на Закон за угостителската дејност, Закон за државен пазарен инспекторат и Закон за инспекциски надзор.
„Претходно во рамките на оваа институција, осомничени се уште три службени лица, инспектори по истите основи. Што се однесува на двајцата поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, кои исто така од претходно се истражуваат, проверките за нив продолжуваат пред се поради околноста дека нивниот мандат се врзува со периодот во кој клубот работел со фалсификувана лиценца, како и уште неколку други лиценци кои се предмет на проверка“,
рече Коцевски.
Досега осомничени 52 лица и три фирми
Како што посочи Коцевски, со проширената истрага, до овој момент, кочанското обвинителство поведе истрага против вкупно 45 физички и три правни лица.
„Еден од нив, по отворањето на истрагата почина како последица на повредите здобиени во пожарот и од тие причини, по целосно прибавување на документацијата за неговата смрт, постапката за него ќе биде запрена. Дополнително, истрага се води и против седум полициски службеници во постапката што ја отпочна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно, Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција. И во тој дел истражните дејствија продолжуваат за целосно утврдување на линијата на одговорност, за што јавноста ќе биде веднаш известена“,
додаде тој.
Како што вчера објави „360 степени“, со проширената истрага на Обвинителството, опфатени се поранешните министри за економија Ваљон Сарачини, Беким Незири и Дритон Кучи, кадри на ДУИ.
Со проширувањето се опфатени и ексдиректорите на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу (актуелен министер без ресор) и Аднан Џаферовски (тогаш кадар на СДСМ), а меѓу новоосомничените е и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами (ВЛЕН). Со отворањето на истрагата на 21 март беше осомничен и поранешниот директор на Дирекцијата, Беким Максути (ДУИ).
Заедно со седумтемина осомничени полициски службеници за кои се води одвоена истрага во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, досега се опфатени 52 лица и три фирми.