Денеска преку Софија во земјава треба организирано да пристигнат 26 македонски државјани од странство, додека на 30 мај е најавено пристигнување на 30 македонски државјани од Саудиска Арабија преку Тирана, најави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев одговарајќи на новинарско прашање дали има и натаму се организираат хуманитарни конвои и летови за да се донесат дома оние македонски граѓани кои поради пандемијата останаа во други држави.
Чулев рече дека според сегашните мерки, сите тие би требало да одат во државен карантин, освен ако не приложат негативен ПЦР-тест направен најмалку 72 часа пред влегување во земјава, што е предвидено со најновите измени на уредбата на Владата, со што би заминале во домашна изолација.
Во моментов во државен карантин има 816 лица сместени во 11 објекти во Скопје, Попова Шапка, Охрид, Струга и Велес.
И овие лица, според измените на владината уредба, можат да се тестираат и доколку тестот им е негативен, одат во домашна изолација.
Засега нема официјални најави кога би се отвориле границите. Неофицијално, тоа би можело да се случи на 1 јуни, додека министерот за здравство Венко Филипче минатата недела најави дека тоа би можело да се случи на 15 јуни и тоа би било координирано со соседните земји.
Србија веќе ја отвори границата. Албанија најави дека тоа ќе се случи на 1 јуни, додека Грција на 15 јуни.
