Според дипломатски извори, за предлогот на Европската комисија „за“ гласале 26 членки на Унијата, а само Унгарија била против
Царините што Европската Унија (ЕУ) денеска одлучи да ги воведе кон САД, како контрамерка на тарифните политики на американскиот претседател Доналд Трамп, ќе изнесуваат 25 проценти, пренесе Ројтерс.

Контрамерките на ЕУ, кои ќе стапат во сила од вторник (15 април), главно се однесуваат на низа американски производи што Унијата ги увезува од САД, а конкретно се одговор на американските царини за метали.
Имено, блокот од 27 земји се соочува со царини од 25 отсто за челик, алуминиум и автомобили, како и со нови пошироки царини од 20 отсто за речиси сите други производи кои доаѓаат од ЕУ во САД.
Европската Унија, како што пишува Ројтерс, сè уште проценува како да одговори на царинските давачки за автомобили и други производи што ги воведе админстрацијата на Трамп.
Одобрувањето на контрамерките од страна на ЕУ доаѓа на денот кога во сила стапија т.н. реципрочни царини на Трамп за ЕУ и десетици други земји, меѓу кои и масовните давачки од 104 проценти за Кина.
Увозот од САД во ЕУ вклучува пченка, пченица, јачмен, ориз, мотоцикли, живина, овошје, дрво, облека и забен конец, велат документите во кои имала увид новинската агенција. Увозот на овие производи лани изнесувал околу 21 милијарда евра (23 милијарди американски долари), што значи дека одговорот на ЕУ ќе биде помал, ако се земе предвид дека извозот на метали од ЕУ, што е погоден од американските царини, изнесува 26 милијарди евра.
„Овие контрамерки можат да бидат суспендирани во секое време, доколку САД се согласат на фер и избалансиран исход од преговорите“,
се вели во соопштението на Европската комисија.
За предлогот на Европската комисија денеска попладне гласаше Комитетот на трговски експерти од 27 земји членки на ЕУ.
Според дипломатски извори, за предлогот на Комисијата „за“ гласале 26 членки на Унијата, а само Унгарија била против.
Денеска, дополнителни царини кон САД најави Кина. Пекинг сега ќе го оданочува американскиот увоз со стапка од 84 отсто, што е зголемување од 50 отсто во однос на претходните кинески царини.