Преку втората линија бескаматни кредити за фирмите погодени од ковид-19 кризата одобрени се 2 милиони евра за 117 фирми во кои работат 3 001 вработен, напиша министерката за финансии Нина Ангеловска на Фејсбук по повод денешните одлуки на Владата од областа на економијата.
„Одобрени се 2 милиони евра досега, со кои се поддржуваат: 58 микро, 43 мали и 16 средни компании – или вкупно 3.001 работни места. За оваа кредитна линија има огромен интерес од страна на компаниите. Барањата се обработуваат и процесираат од страна на Развојната банка, по што со одобрените се потпишуваат договори и се исплаќаат средства“,
пишува Ангеловска.
Кредитите од оваа кредитна линија изнесуваат од 3.000 до 90.000 евра, со 0 проценти камата и рок на отплата 3 години со 12 месеци грејс период. Вкупниот износ на ковид-2 линијата е 8 милиони евра и за неа можеа да аплицираат фирми од сите дејности. Претходната линија бескаматни кредити ковид-1 е целосно доделена.
Од овие 117 апликанти, како што информираше владината прес-служба 58 или 50 отсто се компании до 10 вработени, 43 или 37 отсто се компании до 50 вработени и 16 или 14 отсто се компании до 250 вработени.
