Директорот на Управата за извршување санкции вели дека ова е проблем што нема да се реши преку ноќ, но дека може да се реши доколку дел по дел се отстранат корумпираните во затворскиот систем
Целиот систем во Македонија, од она што го наследивме, е висококорумпиран, но затворскиот сектор е најкорумпиран – изјави директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, говорејќи на денешната прес-конференција на која информира за инцидентот во штипскиот затвор во кој затворски полицајци му помагале на затвореник да пронајде топка со дрога префрлена во дворот на затворот.

Според Пандов, во одредени затвори над 50 отсто од затворските полицајци се корумпирани.
„Тие луѓе дозволиле да бидат изманипулирани и потпаднале под парите кои ги имаат затворениците. Во македонските затвори има лица од разни кланови, луѓе кои имаат работено со дрога, со мигранти и верувајте ми дека дел од тие затвореници се исклучително богати. Можам примери да давам од одредени чесни полицајци на кои затвореници им нуделе и по неколку илјади евра за да добијат обичен телефон“,
додаде директорот на Управата за извршување на санкции.
Пандов вели дека ова е проблем што нема да се реши преку ноќ, но дека може да се реши доколку дел по дел се отстранат корумпираните во затворскиот систем.
„Ако тоа можело во Хрватска, во Косово може и во Македонија. За споредба, кај нас за девет месеци се најдени околу илјада телефони, во Хрватска во 2023 година само 26 мобилни телефони, а во Косово 51 телефон во 2024 година. Имаме работа со вмрежена група на вработени по затворите и затворениците. Ако успееме дел по дел да ги отстраниме корумпираните во затворскиот систем, можеме да го решиме проблемот со телефоните, дрогата и со другите недозволени предмети. Сè додека ги имаме нив и додека тие мислат дека неказниво може да поминуваат, а така било претходно, ние ќе имаме и телефони, и дрога, и недозволени предмети“,
рече Пандов на денешната прес-конференција во прес-центарот на Владата.
На прашањето дали решение за мобилните телефони се блокатори на сигналот, Пандов рече дека проблемот е тоа што денес најголем дел од затворите се опкружени со цивилни објекти и доколку се стават блокатори ќе бидат блокирани и телефоните на граѓаните кои живеат или работат во овие објекти.