Да не се промовираат мерки чие спроведување е во тек и со кои јавноста е веќе запознаена, како и мерки кои не се непосредно поврзани со санирање на последиците од корона-кризата, укажа денеска Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
Исто така, од ДКСК предупредуваат да се внимава едно лице да не користи надоместоци од различни мерки и да се обезбеди целосна транспарентност за лицата кои како корисници ќе бидат опфатени со секоја мерка поединечно.
Начелото на транспарентност во спроведувањето на мерката, пак, според антикорупционерите би се обезбедила со можноста преку електронска платформа секој граѓанин да го следи процесот.
Ова им било укажано и на министерката за финансии Нина Ангеловска и советникот за економски прашања во Владата Фатмир Битиќи со кои антикорупционерите имале средба на 21 и 22 мај заедно со претставник од Платформата на граѓанските здруженија за борба против корупција, во врска со третиот сет економски мерки.
Од ДКСК соопштија дека Ангеловска и Битиќи информирале дека при подготовката на мерките се следеле препораките на ЕК и ОЕЦД, кои се дадени во насока на закрепнување на земјите погодени од пандемијата, дека се темелат на спроведена анализа и проценка на состојбите во домашната економија, на компаративна анализа со земјите од регионот, како и на анализа на ефектите од преземените мерки.
„Исто така бевме известени дека само четири мерки е можно побрзо да се реализираат, откако ќе бидат целосно завршени сите делови од процесот на подготовка, што е извесно да се случи во третиот квартал на годината. Целта е да се стимулира потрошувачката и да се поткрепи домашната понуда, односно да се намалат последиците од кризата во економијата“,
велат од ДКСК.
Укажувањата на ДКСК се однесуваат на мерките домашна платежна картичка од 9.000 денари, поттикнување на домашен туризам преку ваучери од 6 000 денари и домашна платежна картичка од 3 000 денари со кои се опфатени ранливи категории и семејства кои имаат приход помал од 15 000 денари.
Од ДКСК истакнуваат дека со ова укажување не се опфатени две мерки – награда на докторите и медицинскиот персонал на инфективните одделенија која не е предмет на проценка од аспект на ризик на влијание врз гласачкото тело и мерката „надомест за невработеност за лицата кои го изгубиле работното место“ бидејќи антикоруоцинерите процениле дека не е нова мерка, туку е дополнета со бројот на лицата кои спогодбено останале без вработување.
Овие мерки за кои се упатени укажувања, ДКСК и Платформата ги ставиле под лупа од аспект на можното влијание врз гласачите доколку предвремените избори се одржат наскоро, при што фокусот бил ставен на тоа дали мерките се носат поради неопходна потреба, нужност и итност, односно дали се тесно поврзани со причина која предизвикала настанување на вонредната состојба, кои се критериумите за определување на целната група корисници и дали се почитува начелото на транспарентност и отчетност.
