„Според член 117 од Законот за стечај, ако фирма има блокирана сметка повеќе од 45 дена и не исплаќа плати и придонеси подолг период, УЈП има законска обврска да поднесе барање за отворање стечајна постапка и да предложи мерки за обезбедување на имотот. Ако блокадата била заведена на 16 август 2024 година, тоа значи дека веќе до крајот на септември УЈП требала да постапи, а клубот требало да биде затворен“, посочи организациониот секретар на партијата
Фирмата „ММММ кафе“, сопственик на дискотеката „Пулс“, работела со блокирана сметка дури 217 дена, пишува во податоците на „Бизнис мрежа“. Евидентната блокада, која сè уште не е тргната, била заведена на 16 август 2024 година. Дали Управата за јавни приходи (УЈП) требала да го затвори овој клуб уште во септември 2024 година? Ова прашање денеска на прес-конференција го постави Мартин Костовски, организациониот секретар на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), посочувајќи дека се отвора нов и сериозен аспект од трагедија што на 16 март се случи во Кочани.

„Според член 117 од Законот за стечај, ако фирма има блокирана сметка повеќе од 45 дена и не исплаќа плати и придонеси подолг период, УЈП има законска обврска да поднесе барање за отворање стечајна постапка и да предложи мерки за обезбедување на имотот. Ако блокадата била заведена на 16 август 2024 година, тоа значи дека веќе до крајот на септември УЈП требала да постапи, а клубот требало да биде затворен. Но, продолжи да работи и 59 животи се загубени“,
рече тој.
Посочи дека дискотеката, каде се случи трагедија, работела нелегално, нешто што веќе е документирано и потврдено и е дел од активната истрага која треба да даде одговори, но и да утврди одговорност кај институциите.
„Затоа денеска поставуваме неколку прашања до истражителите, до Министерството за внатрешни работи (МВР) и до Јавното обвинителство. Дали е точно дека УЈП не постапила по своја законска обврска согласно член 117? Кој во УЈП бил надлежен да го поднесе барањето за стечај и зошто не било направено? Дали некој ја стопирал постапката? И ако да – зошто? Со каква цел? Дали ова е уште еден случај на неажурност, или станува збор за заштита на нередовности и политички врски?“,
кажа Костовски.
Според него, трагедијата во Кочани не е последица на една грешка, туку на верижни институционални пропусти, а секој пропуст мора да биде идентификуван и секој виновник повикан на одговорност.
Според УЈП, кај должникот обврзник „ММММ кафе“ ДООЕЛ во неколку наврати во период од крајот на 2022 година се реализирани постапки за извршување неплатен долг со блокада на сметка и долгот е наплатен, по што сметката по автоматизам се деблокира од банката.
„Од август 2024 година постапките за извршување на долгови се се уште активни заради наплата од средства на должникот во банките по повеќе основи, како даночни долгови и плати“,
пишува во соопштението од УЈП.
Посочуваат дека блокирање на сметка, како мерка, согласно Законот за даночна постапка е предвидена во постапка на извршување, односно, наплата на долг во постапка на присилна наплата која ја спроведува УЈП.
Сепак, велат дека во постапка на присилна наплата на долг согласно Законот за даночна постапка не е предвидена мерка затворање на објект.