Со петте пациенти кои се враќаат дома бројот на оние што се лекуваат во странство ќе се симне на 108. Во болниците во земјава, пак, се лекуваат 23 пациенти
Пет од повредените пациенти кои се лекуваат во болниците во странство денеска се очекува да пристигнат во земјава. Четворица се враќаат од Шпанија, а еден од Грција, соопшти министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција на која информира за состојбата на повредените од пожарот во Кочани.

Според протоколот, како што рече министерот, првите 24 часа тие ќе бидат сместени во болниците во земјава. Ќе им биде направена тријажа и ќе бидат под соодветен надзор во клиниките во кои ќе бидат пренесени. Во зависност од нивната состојба, тие ќе бидат пуштени дома или ќе продолжат со лекување на некоја од клиниките.
„Со петте пациенти кои доаѓаат, бројката вечерва ќе остане на вкупно 108 пациенти коишто се лекуваат надвор од државата. Трендот на пациенти кои се подготвени да се враќаат сè повеќе се зголемува, се надевам дека до крајот на неделата ќе имаме уште 7-8 пациенти, но ќе ве информираме повторно“,
изјави министерот Таравари.
До овој момент бројот на пациенти кои се лекуваат во странство е 113. На лекување во земјава, пак, се 23 пациенти, а над 20 се пуштени на домашно лекување.
„Во Клиничкиот центар се само четири пациенти – двајца на Пластична хирургија и двајца на Токсикологија. Во старата градска болница се шест пациенти, во болницата ‘8 септември’ се девет пациенти од кои еден е за испис денеска. Во ‘Систина’ се четири пациенти. Сите се стабилни и во добра состојба“,
додаде Таравари.
Четворица пациенти, како што рече министерот, и натаму остануваат во стабилна, но критична состојба.