На прашањето на СДСМ, зошто не се притворени началници, командири и инспектори, Петрушевски посочи дека не станува збор за судење со толпа
Додека целата држава жали, СДСМ се служат со подмолни политички калкулации, поставувајќи прашања за кои и самите добро знаат дека се дел од активна истрага, предводена од институции што работат со целиот капацитет и со огромна свесност за големиот интерес на јавноста и општеството за брзи, но праведни резултати, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на СДСМ на која организацискиот секретар на партијата Мартин Ксотовски, упати неколку прашања до министерот за внатрешни работи и државниот јавен обвинител, а во врска со истрагата за трагичниот пожар во Кочани.
„Настојувајќи по секоја цена да го оттргнеме и најмалиот сомнеж, јасно истакнуваме дека Владата и органите за истрага од првиот момент реагираа – има веќе голем број на приведени лица, а истрагата продолжува со несмален интензитет. И тоа, за разлика од минатото, со обиди за откривање на целосната вистината, а не со алиби -објаснувања за кабли и шасии како главни виновници за трагедиите што во минатото ни се случуваа“,
изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
На прашањето на СДСМ, зошто не се притворени началници, командири и инспектори, Петрушевски посочи дека не станува збор за судење со толпа.
„Правдата не е циркус, туку процес. Притвор се одредува со докази и правни основи, а не со притисоци од партиски штабови. Главната дилема е – зошто истото судство, истото обвинителство, создадено во времето на СДС и ДУИ, денес работи со поголема посветеност? Одговорот е јасен: Затоа што Владата денес не се обидува да сокрие, туку да расчисти. Не се издаваат наредби по телефон, не се читаат имиња од тефтерчиња и не се прикриваат трагедии со смешни извештаи. Да потсетиме – за време на трагедиите со Беса транс, Ласкарци, модуларната болница – немаше ниту еден притворен функционер, ниту едно поднесено обвинение. Виновни беа „каблите“, „возачите“, „времето“ – и никогаш системот. Затоа што системот беше под заштита на Заев и Ахмети“,
истакна Петрушевски.
Според него, СДСМ говори за селективна правда, но токму тие се симболот на таа селективност.
„Не можат да го извадат народот на улица со лаги, затоа што народот добро памети. И токму затоа сега сакаат да го претворат гневот во политичка стратегија, да го насочат револтот кон Владата, надевајќи се дека повторно ќе се вратат на власт преку улица – а не преку избори. Апелираме до јавноста: ова не е битка помеѓу партии. Ова е битка за правда. И институциите ќе ја истераат до крај. Ќе има одговорност – и индивидуална и институционална. Но, нема да има дозвола за манипулација, за злоупотреба на жртвите, и за ново сценарио за дестабилизација во момент кога државата се обидува да застане на нозе“,
рече Петрушевски.