Утринава во Волково се случило пукање при што починати се две лица, а едно лице е повредено и пренесено на скопските клиники
Издадена е наредба за обдукција на телата на двајцата починати во Волково и од местото на настанот е подигнато оружјето кое ќе биде предмет на вештачење, информираат од Јавното обвинителство во врска со крвавиот инцидент кој утринава ги потресе жителите на скопско Волково.
„Јавен обвинител, полициски и други увидни екипи вршат увид на лице место и ги преземаат сите дејствија за расчистување на настанот. Издадена е наредба за обдукција на телата на двајцата починати. Од самото место е подигнато оружјето кое ќе биде предмет на вештачење. Ќе се вршат балистички и други вештачења со цел да се утврдат сите околности на настанот“,
соопштија од Обвинителството.
Утринава во Волково се случило пукање при што починати се две лица, а едно лице е повредено и пренесено на скопските клиники.
Инцидентот го потврди и Министерството за внатрешни работи.
„Денеска (24.03.2025) околу 09.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Волково, скопско, имало пукање од огнено оружје, при што неколку лица биле повредени. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека Р.Ц. и М.Н. од здобиените повреди починале на местото. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Со повреди се здобил и еден малолетник, кој бил пренесен во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза“ за укажување помош’. Како можен сторител на настанот се посочува М.Н.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
информираа од МВР.
Како што објавија некои медиуми, кираџија со неколку истрели го убил сопственикот на куќата во која живеел, а го повредил и малолетниот син на сопственикот. По ова, убиецот си го одзел животот со истрел во главата.
