Од партијата посочија дека без да се почекаат фактите, се активирала машинеријата за префрлање на вина, односно дека се конструирала приказна според која лиценцата на дискотеката, дадена години претходно за кабаре, станува основа за апсење на поранешен министер, со лисици, камери и насловни страници
Од првиот момент на трагедијата, додека пожарот се уште не беше изгаснат, додека граѓаните во шок бараа одговори и надеж, гледавме како врвот на власта, наместо да сочувствува, започна политичка хајка. Наместо со информации, излегоа со обвинувања. Наместо со смиреност, со закани. Се впери прстот кон другиот, кон минатото, кон тие што не се дел од нив. Ова е денешната реакција на Демократската унија за интеграција (ДУИ), по седумте дена жалост по трагедијата која се случи на 16 март во Кочани, a во која загинаа 59 лица.

„Изминаа седум дена болка, молк и солидарност. Одбравме да молчиме, од почит. Почит кон жртвите, кон семејствата, кон една национална рана што треба да не обедини, а не да не подели. Но, молкот заврши и сега мора да се зборува“,
велат од ДУИ.
Оттаму велат дека без да се почекаат фактите, се активирала машинеријата за префрлање на вина, односно дека се конструирала приказна според која лиценцата на дискотеката, дадена години претходно за кабаре, станува основа за апсење на поранешен министер, со лисици, камери и насловни страници.
„Сите знаат дека лиценците не се трајни, не се автоматски продолжени, сите знаат дека се минати години откако се истечени, а дури и конкретната, фалсификуваната, завршила три дена пред трагедијата. Сите знаат дека објектот бил запечатен од УЈП пред неколку месеци, а многу наскоро, потоа незаконски отворен“,
пишуваат од партијата.
Посочуваат дека сите знаат дека во објектот редовно имало недозволиво прекубројна публика, дека редовно бил посетуван од малолетници, како и дека на забавите редовно се користеле пиротехнички средства, исто како и кобната вечер.
„И најважно, сите локални институции, од полиција до инспектоирати, го знаеле тоа, го гледале тоа, но не смееле да реагираат. Сите сѐ гледале, но цела година, никој ништо не видел. Прашуваме зошто. Зошто навреме не видоа и зошто не спречија? Бидејќи тоа место не беше обичен локал. Тоа беше неформално собиралиште на целата политичка, криминална и бизнис елита на Кочани и на поширокиот регион“,
стои во соопштението од ДУИ.
Велат дека во дискотеката во Кочани редовни гости биле од градоначалници, пратеници и партиски претседатели на ограноци, па се до инспектори, командири и функционери.
„Сите биле во блиски релации со сопственикот и неговата екипа. На сите им било јасно дека зад овој објект стојат моќници кои го штитат и затоа никој ништо не треба да прашува“,
посочија од партијата.
Од оваа партија вчера посочија дека неопходно е да се покрене прашањето за улогата и одговорноста на Управата за јавни приходи (УЈП) во целиот случај.