Настанот се случил на 21 март попладне на обиколницата во Скопје, во близина на клучката кај Стајковци

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 20-годишник осомничен за кривично дело – насилство, затоа што на 21 март попладне, на обиколницата во Скопје во близина на клучката кај Стајковци мавтал со полициска значка која всушност му припаѓала на неговиот татко, а потоа извадил нож.
Осомничениот управувал автомобил „фолксваген голф“ кога дошол во иста линија со возило „сеат леон“, кое го управувал оштетениот.
Осомничениот со автомобилот почнал да навлегува во лентата по која се движел оштетениот, па како да е овластен полициски службеник, преку својот прозорец на оштетениот му ја покажал полициската значка, која всушност му припаѓала на неговиот татко, кој е полициски службеник во СВР Скопје.
Оштетениот, мислејќи дека се работи за наредба „стоп“ од овластен полициски службеник, го запрел своето возило и се упатил кон возилото на осомничениот.
По ова, 20-годишникот почнал да го пцуе оштетениот, па од фармерките извадил нож на расклопување и го отворил сечилото. Потоа со ножот почнал да замавнува кон оштетениот, нанесувајќи му телесни повреди, по што побегнал.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, имајќи ја предвид опасноста тој да се даде во бегство доколку биде пуштен да се брани од слобода за да ја избегне кривичната одговорност за делото што му се става на товар.