Владината портпаролка Марија Митева не прецизираше на што и на кого точно мисли кога спомна мрежи, повици за дестабилизација или сценарија кои би му наштетиле на текот на истрагата за трагедијата во Кочани
Не би сакале да се дозволи попречување на истрагата од различни мрежи преку повици за дестабилизација и различни сценарија и како било да наштетат на овој процес. Ова попладнево на прес-конференција го изјави портпаролката на Владата, Марија Митева, во контекст на истрагата за трагедијата во Кочани која се случи пред седум дена, а во која животите ги загубија 59 лица.

Владината портпаролка не прецизираше на што и на кого точно мисли кога спомна мрежи, повици за дестабилизација или сценарија кои би му наштетиле на текот на истрагата.
Ниту неколкуте новинарски екипи кои беа во прес-центарот на Владата за време на прес-конференцијата не покажаа интерес за тоа на што точно алудираше Митева со ваквата изјава. Во фокус на новинарските прашања беа контролите на угостителските објекти, засилените инспекции, како и состојбата на повредените пациенти.
„Како Влада будно ја следиме состојбата. Ја споделуваме загриженоста и разочараноста кај граѓаните на нефункционирањето на системот, но во исто време ги вложуваме сите напори тоа да го промениме. Затоа апелираме да не се шпекулира со невистини, манипулативни наративи и во ниеден случај не сакаме да се злоупотребува трагичната несреќа во Кочани. Затоа што нашата заложба се потврди со дела и акции. Има опсежна истрага во која се фатени и приведени 34 лица и таа сè уште не е завршена. Мора да дозволиме органите на прогонот да си ја завршат истрагата, темелно и правично. Не би сакале да се дозволи попречување од различни мрежи, преку повици за дестабилизација и различни сценарија и било како да наштетат на овој процес. Од ова мора сите да излеземе посилни со испорачана правда“,
изјави Митева на прес-конференцијата.
На почетокот на своето обраќње, порпаролката рече дека тежината од трагедијата во Кочани паѓа врз сите и е голем потсетник за одговорностите кои ги носи Владата и опшеството.
„Оваа Влада беше избрана за да го прекине кругот на рамнодушност, да ја обнови довербата онаму каде што беше изгубена и да се погрижи ниту една иднина да не се обликува од грешките од минатото. Нема да прифатиме изговори кои премногу често ги оставаа граѓаните незаштитени. Онаму каде што другите молчеле, ние ќе дејствуваме. Нашата заложба е јасна, правда за погодените, транспарентност во секој чекор и итни реформи кои ќе обезбедат тоа никогаш да не се повтори“,
рече таа.
По Митева, на прес-конференцијата се обрати и владината портпаролка Венера Љатифи-Азизи. Во дел од обраќањето таа се осврна на помошта на Владата за погодените од трагедијата во Кочани, но истакна и дека никој нема да може да ја сокрие правдата во врска со случајот и оти правдата ќе биде задоволена.
„Истрагата за овој трагичен настан продолжува со целосна посветеност и голем ангажман од сите одговорни институции. Владата е решена да ја обелодени вистината и да се погрижи сите кои се одговорни да одговараат за своите постапки. Никој нема да може да се сокрие и правдата ќе биде задоволена“,
изјави Љатифи-Азизи.
Кога во петокот соопшти дека е отворена истражната постапка за пожарот во Кочани, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски кажа дека под истрага се и двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат и тоа за неизвршување службени должности од 9.1.2020 година до 16.3.2025. Во тој временски период, сепак, директори беа четири лица, меѓу кои и актуелниот.
Засега не е познато и зошто Јавното обвинителство издвои и стави под истрага само еден директор на Дирекцијата за заштита и спасување и покрај тоа што од 2012 година, од кога почнува временското дејствие покриено со истрагата, функцијата ја извршувале четворица, вклучувајќи го и сегашниот.