За оние објекти кај кои е констатирано дека не исполнуваат минимум технички услови, Митева рече дека се изготвуваат решенија до Министерство за економија за одземање на лиценцата и ќе бидат издадени решенија за забрана за вршење на дејност

Инспекторите од Државниот пазарен инспекторат во текот на контролите до вчерашниот ден кај 13 објекти, од 23 што имале лиценци, констатирале дека не ги исполнуваат минимум техничките услови, рече портпаролката на Владата Марија Митева на денешната прес-конференција.
Таа рече дека биле направени 82 контроли со записник, но додаде и дека има многу повеќе и оти за нив сè уште трае анализата и контролата по законот за угостителска дејност, а вклучени биле сите од кабаре и дискотека од цела држава.
За оние објекти кај кои е констатирано дека не исполнуваат минимум технички услови, Митева рече дека се изготвуваат решенија до Министерство за економија за одземање на лиценцата и ќе бидат издадени решенија за забрана за вршење на дејност.
Исто така, таа додаде дека кај пет правни субјекти што се регистрирани како кабаре-диско кои биле со истечена лиценца, а било утврдено дека работеле изминатиот период, се издадени решенија за забрана за вршење на дејност.
„Кај останатите 41 кафе-клуб, кај 30 од нив се констатирани неправилности по законот за угостителска дејност и изречени се 28 прекршочни налози и две затворања за пречекорување на работно време што подразбира и платен налог“,
рече Митева.
Прашана дали освен парична казна и забрана за работа објектите со активна лиценца ќе се бара ли и кривична одговорност кај нив, Митева рече дека може да ги сподели само информациите од ДПИ.
„Целокупната постапка и во делот на казнените одредби што се во можност, сите надлежни институции ќе бидат повикани да ги разгледаат, да се поведе секоја постапка и да се стави крај на вакво нерегуларно работење на поединци“,
додаде таа.