„По некое време дојдоа двајца момци и нè замолија да ги тргнеме камерите и да не снимаме бидејќи им починале другари матуранти. По кратко време, се прегрупираа и дојдоа 15-ина луѓе и можеше да настане хаос. Им рековме дека се пакуваме да си одиме, а тие ни кажаа да побрзаме“, вели репортерот на „360 степени“ од Штип

Три новинарски екипи, меѓу кои и таа на „360 степени“, беа избркани од местото на кое, по препорака од полицијата, беа поставени за снимање и фотографирање на последното испраќање на петтемина штипјани кои загинаа во пожарот во Кочани.
Како што јавува екипата на „360 степени“, местото на кое биле лоцирани медиумските екипи било на соодветно растојание од гробиштата. Од полицијата било нагласено дека не смее да се емитува видео во живо за време на погребот, но оти снимање е дозволено.
„По некое време дојдоа двајца момци и нè замолија да ги тргнеме камерите и да не снимаме бидејќи им починале другари матуранти. По кратко време, се прегрупираа и дојдоа 15-ина луѓе и можеше да настане хаос. Им рековме дека се пакуваме да си одиме, а тие ни кажаа да побрзаме“,
вели репортерот на „360 степени“.
Полициските екипи, додава нашиот репортер, во тој момент не биле присутни на таа локација, а кога подоцна им било соопштено што се случило, одговориле – што е до нас, снимајте.
Штипјани утринава пеш тргнаа кон градските гробишта кои се оддалечени неколку километри од центарот на градот, за да им оддадат последна почит на трагично загинатите петмина сограѓани.
Граѓаните се простуваат од Дамјан Таневски, Филип Ивановски, Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов.