Во врска со информацијата која синоќа се појави дека наводно уште еден возач на Итната помош доживеал срцев удар, министерот рече дека немаат таква информација и дека станува збор за шпекулација
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска најави дека постхумно ќе му биде оддадено признание на возачот на кочанската Итна медицинска помош, Иле Гоцевски, кој почина по напорниот ден во неделата превезувајќи повредени лица во пожарот во т.н. кабаре-клуб до здравствените установи надвор од градот.

Таравари ваквата негова иницијатива како министер за здравство ја соопшти одговарајќи на новинарско прашање дали е точно дека возачот на Итната медицинска помош починал бидејќи работел повеќе часови надвор од работното време, според која законска одредба и зошто не била екипирана Итната помош или Центарот за управување со кризи.
„Видете, вонредна состојба беше и тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација возачот колку часови работел, меѓутоа дека направил огромна работа за превоз на пациентите, тоа е неспорно. Јас планирам како министер за здравство неговото семејство да го викнам и да го одликуваме. Нека помине оваа недела, планирам идната недела како министер да го одликувам постхумно. За време на вонредни состојби сите работиме без да гледаме на часовникот и на работното време“,
рече Таравари.
Во врска со информацијата која синоќа се појави дека наводно уште еден возач на Итната помош доживеал срцев удар, министерот рече дека немаат таква информација и дека станува збор за шпекулација.
„За втор возач дека имал срцев удар денеска зборувавме и ние немаме информација во Кризниот штаб дека се случило такво нешто, доколку има, ќе ве известиме, меѓутоа засега е шпекулација, значи не е вистина“,
изјави Таравари на прес-конференција денеска претпладне на која информира за состојбата со повредените пациенти во трагедијата во Кочани.