„Имаме органи коишто тоа го прават и ќе продолжат да го прават“, кажа премиерот во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител на забелешка и прашање дека во јавноста постои впечаток дека тој и министерот за внатрешни работи го штитат градоначалникот на Кочани во врска трагедијата во која загинаа 59 лица
Се надевам дека ова нема да биде акција на преќи суд, вели премиерот Христијан Мицкоски прашан како ја оценува работата на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, а во контекст на трагедијата што се случи во супстандарден кабаре-клуб во градот со кој раководи тој и во која загинаа 59 лица.

Имено, една од забелешките на новинарот во Дневникот на ТВ Сител каде што вечерва гостин беше премиерот Мицкоски беше дека во јавноста постои впечаток дека премиерот и министерот за внатрешни работи го штитат градоначалникот на Кочани, кој по трагедијата си поднесе неотповиклива оставка.
Одговарајќи на прашањето Мицкоски се осврна на разговорот што ден по трагедијата го имал со градоначалникот, како и на она што тој го објави на социјалните мрежи информирајќи за оставката.
Надоврзувајќи се на тоа, премиерот рече дека не смееме да дозволиме анархијата да стане суд и оти не смееме ние да судиме и пресудуваме, бидејќи за тоа постојат надлежни органи.
„Јас лично го знам Љупчо и како човек и можам да кажам сè најдобро за него како човек, и знам како се чувствуваше тој ден кога сето ова се случи, и знам кога се слушнавме следниот ден и кога беше решен да поднесе оставка поради тоа што го чувствуваше. И самиот кажа дека сè што треба, стојам на располагање, нека проверат, ако сум згрешил нешто, јас сум тука и ќе одговарам, немам намера никаде да бегам, никаде да се кријам, јас се чувствувам дека не сум погрешил, но ако нешто сум погрешил, тука сум и ќе одговарам. И знам дека тоа го мисли, но се надевам дека ова нема да биде акција на преќи суд. Ние мораме така да се однесуваме. Не смееме да дозволиме анархијата да стане суд, не смееме ние да судиме и пресудуваме. Имаме органи коишто тоа го прават и ќе продолжат да го прават. И затоа на почетокот на ова интервју кажав – јас сум среќен што и покрај разликите што ги имавме со работата на Јавното обвинителство гледам едно навистина синхронизирано дејство помеѓу Министерството за внатрешни работи, органите на истрагата Јавното обвинителство до овој момент и гледам дека тоа дава резултати. Да оставиме институциите да си ја завршат работата. Нема да останеме само на овој случај, ќе отвориме и случаи кои некој мисли дека сме ги заборавиле“,
рече премиерот.
Инаку, Папазов дента по трагедијата во Кочани (16 март) беше повикан на информативен разговор ,кој заврши следниот ден, по што тој беше пуштен без никакви дополнителни мерки. Од Обвинителството информираа дека неговиот исказ се споредува со доказниот материјал и надлежностите на општината.
Во меѓувреме, градоначалникот во објава на Фејсбук соопшти дека си поднесува неотповиклива оставка од функцијата во која ги повика надлежните институции да ја испитаат одговорноста на сите инволвирани, нагласувајќи дека непостапувањето е исто така одговорност.
Папазов на 16 март воопшто не се појави во јавноста и не им изрази сочувство на најблиските на загинатите. Дури по прозивките во јавноста, тој напиша објава на Фејсбук во која изрази жалење за жртвите.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција кажа дека градоначалникот бил повикан на разговор како дел од дејствијата преземени во врска со случајот и ако е потребно, ќе биде повикан повторно.
Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека се вршат претреси во општинската зграда во Кочани, од каде што се прибира потребната документација во врска со предистрагата за трагедијата во која загинаа 59 лица.