Српските медиуми пишуваат оти големиот број критики се должат на фактот што неговата посета е неовластена, во просторија каде што се наоѓаат пациенти кои имаат тешки изгореници и оти секаков контакт со такви пациенти би требало да биде рестриктивен бидејќи се подложни на сериозни инфекции
Влегувањето на цивил со делумно заштитна опрема во одделение за интензивна нега кај пациенти кои се во животна опасност, со тешки изгореници, е еквивалентно на обид за убиство во медицината – вака анестезиологот д-р Раде Паниќ ја опиша посетата на српскиот претседател Вучиќ на тешко повредените лица од пожарот во Кочани кои се лекуваат во Белград.

Според него, овој потег на претседателот претставува злоупотреба на пациентите за политички маркетинг и промоција и оти посетите во Универзитетскиот клинички центар на Србија се забранети од 14 јануари годинава, додека пак на немедицинскиот персонал, влезот е трајно забранет.
„Кај овие пациенти имунитетот е ослабен и затоа една од најважните работи во третманот за пациентите со изгореници е да се спречат инфекциите“,
вели д-р Паниќ.
Тој вели и дека претседателот на бесрамен начин ги повторува грешките што ги правел во минатото и оти ги злоупотребил здравствената установа и приватноста на пациентите кои се во животно загрозувачка состојба за своја промоција и политички маркетинг.
„Ваквото однесување на претседателот треба да наиде на остра осуда, а за осуда се и колегите, ако можам така да ги наречам, кои овозможија кршење на основните принципи на професијата и прегазување на етичкиот кодекс“,
изјави д-р Паниќ.
Посетата на Вучиќ на македонските пациенти е срамна политичка пропаганда, вели професорот на Медицинскиот факултет и хирург во Универзитетскиот клинички центар на Србија, Владимир Дугалиќ. Тој вели дека понекогаш се кае што е дел од лекарската фела, особено кога „некој пушта неспособен човек“ без капа на интензивна нега каде што пристапот до пациентите е строго забранет.
Д-р Дугалиќ вели дека пациентите имаат тешки изгореници кои претставуваат отворени рани и дека се во опасност и токму затоа, вели, јавно се одрекува од сите колеги кои му дозволиле влез на Вучиќ на интензивна нега, оценувајќи дека тоа е директно земање учество во политичка пропаганда која ги загрозува животите на луѓето.
Осуда за настанот пристигна и од анестезиологот од Универзитетскиот клинички центар во Војводина, д-р Никола Радиќ, кој има долгогодишно искуство со работа со пациенти на интензивна нега. Тој за „Данас“ изјави дека секоја посета на лица што не се дел од медицинскиот кадар е опасна и забранета, а особено на пациенти со изгореници.
„Откако беше прогласена епидемијата на грип во Србија, посетите на пациентите во болниците се забранети, за да не биде дополнително загрозена нивната состојба. Пациентите што се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега се меѓу оние за кои овие мерки мора строго да се почитуваат бидејќи нивната тешка општа состојба ги прави дополнително чувствителни на развојот на инфекцијата и го отежнува лекувањето на пациентите“,
рече д-р Радиќ.
По низата критики и реакции, се побара и одговорност и одговори од страна на службените лица и Лекарската комора на Србија на прашањето кој воопшто му дозволи влез на српскиот претседател Александар Вучиќ во просториите за интензивната нега во Универзитетската клиника во Белград каде што се лекуваат тешко повредени пациенти од пожарот во дискотеката „Пулс“, кој се случи пред три дена во градот Кочани.