Набројувајќи каде се ќе има избори низ Европа, Курти ја аргументира потребата за одржување предвремени парламентарни избори и во Косово
Албин Курти, вршител на должноста премиер на Косово, заложувајќи се за вонредни парламентарни избори во земјата, се повика на повеќе примери од регионот и Европа и одржувањето избори во нив.
Според тоа што Курти го напиша на Фејсбук, Северна Македонија ја чекаат избори во месец јули.
„Денеска се навршија два месеца од изгласувањето недоверба. На 25 март на здравствената се додаде и политичка криза. Меѓутоа, ние се бориме. Вчера беше првиот ден, од 13 март, без заразени од коронавирусот. Институционален грч? Не е вистина. Несогласувања има, но има и решение. Согласно нашиот Устав, потребни се нови избори. Тие веќе се одржуваат низ Европа. Избори ќе има во јуни во Исланд, Франција и Србија, додека во јули во Северна Македонија, Шпанија и Хрватска. Треба да имаме (парламентарни) избори и ние во Косово, а и локални во Подујево. Дури, може и во исто време“,
напиша Курти.
Официјално, во земјава сè уште нема договор меѓу политичките лидери за кога точно ќе се одржат парламентарните избори.
Она што досега се знае и од преговорите на лидерските средби кај претседателот Стево Пендаровски, но и од јавните настапи на партиските лидери, е дека владејачката СДСМ инсистира на избори во јуни, додека најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ е за избори во август или септември.