Митева кажа и дека денес Државниот пазарен инспекторат на терен ги проверувал сите 22 објекти што имаат важечка лиценца за тоа дали ги исполнуваат минимум технички услови кои се потребни за да ја добијат таа лиценца

Изминатите два дена биле извршени 50 контроли во угостителски објекти што имаат лиценца за работа која се однесува на кабаре, ноќен клуб, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор, информираа попладнево од Владата.
Во информацијата што на прес-конференција ја пренесе портпаролката Марија Митева, се вели дека согласно овие контроли на увид биле приложени 22 лиценци за вршење угостителска дејност кои се со важност и се од целата држава, но имало и 15 лиценци со истечена важност.
Со оглед дека овие угостителски објекти не работат деновиве поради денови на жалост, Митева рече дека ДПИ ги обезбедил документите потребни за надзорот преку контакти со одговорните лица.
Митева рече дека во Скопје имало 13 објекти од кои само два поседувале важечки лиценци за кабаре, а осум биле со истечени. Останатите три објекти немале никаква лиценца.
Со важечки лиценци за кабаре имало по три објекти во Куманово и Битола и по еден во Штип, Виница, Делчево, Велес и во Кичево.
Со важечки лиценци за диско-клуб имало два објекти во Струмица, Велес и Охрид. Со важечки лиценци за диско-клуб на отворено имало по еден објект во Струмица и во Битола.
При контролите, како што рече Митева, било утврдено дека има објекти и со истечени лиценци и такви по два биле откриени во Прилеп и Тетово, а по еден во Струмица, Гевгелија, Неготино, Охрид и Гостивар.
Во Тетово, пак, за четири објекти немало никаков податок.
Во Кавадарци и во Охрид имало по еден објект со важечки лиценци, но Митева не наведе за каква дејност биле тие.
Митева кажа и дека денес Државниот пазарен инспекторат на терен ги проверувал сите 22 објекти што имаат важечка лиценца дали ги исполнуваат минимум техничките услови кои се потребни за да ја добијат таа лиценца.
Сепак, за тоа што е утврдено, Митева рече дека ќе излезат со дополнителни информации откако ќе завршел целиот надзор што се прави.
„За сите други објекти, коишто се со истечена важност на лиценцата или немаат воопшто лиценца, Државниот пазарен инспекторат донесе забрана за вршење на нивната дејност сè додека не се утврдат сите потребни документи, додека не се провери дали воопшто поседуваат услови, минимално технички услови за вршење на дејност за истите да можат да обезбедат дополнителна лиценца“,
рече Митева.
Таа додаде и дека во Министерството за економија се правела проверка на лиценците дали повторно има некој случај со злоупотреба на архивското работење, односно за некоја лиценца да е заведена по друга основа.
На прашањето зошто прво се правени контроли на тие што се лиценцирани, а не е влезено кај оние што се во шупи, Митева рече настанот во Кочани покажал дека со фалсификат лиценца сепак не исполнува услови за одржување на еден таков вид на настан.
„Секаде, буквално секаде ќе се направи контрола од страна на Државниот пазарен инспекторат. Со подетални информации за тоа кој, дали и во кои услови ги исполнува оние минимални технички услови јавноста дополнително ќе ја информираме“,
додаде таа.
Дополнително прашана зошто три дена се најавуваат контролите и се остава простор на објектите и на тие што се со лиценца да ги средат и да се обезбедат минималните технички услови што можеби претходно ги немале, портпаролката повтори дека контрола ќе се направи на секој објект.
„Би сакала во интерес на јавноста да се направи една разлика во однос на оние објекти што имаат основ да поседуваат лиценца и објекти што се регистрирани како угостителска дејност, а вршат можеби некоја друга дејност, ја злоупотребуваат, работат надвор од времето. Буквално на секој еден објект ќе се направи контрола“,
рече Митева.
Митева немаше информација дали за тоа дали во последните 15 години, колку што функционирал објектот во Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување била таму и видела што се случува.
„Немам таков податок во моментов. Но, верувам дека ова е дел од истрагата што е опфатена. Од она што можам да го видам од страна на Министерството за внатрешни работи навремено информираат за сите преземени активности што се соодветни да се соопштат со цел да не се наруши истрагата. Јас сум сигурна дека и ова ќе биде еден предмет за истрага во целокупната постапка“,
одговори Митева.