Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека ги наредил нападите поради недостаток на напредок во тековните разговори за продолжување на примирјето
Истовремено милитантната организација Хамас предупреди дека новите воздушни напади на Израел го прекршиле прекинот на огнот и ја загрозиле судбината на заложниците
Рано утринава Израел започна масовен бран воздушни напади врз Појасот Газа, во кој според извештаите на светските агенции се убиени повеќе од 200 лица.

Израелската војска соопшти дека цел на нападите, кои се најтешки во енклвата откако стапи во сила прекинот на огнот во јануари, се позиции на Хамас во Газа.
Ненадејниот напад го потресе периодот на релативен мир за време на светиот муслимански месец Рамазан и ја зголеми можноста за целосно враќање на борбите во 17-месечната војна во која загинаа десетици илјади Палестинци и предизвика уништување на објекти и инфраструктурата во Газа.
Денешниот напад резултираа со голем биланс на жртви, а Министерството за здравство на Газа соопшти дека се убиени повеќе од 200 луѓе, од кои голем број се жени и деца. Според агенцијата Асошиејтед прес, во воздушните напади досега се убиени најмалку 235 луѓе.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека ги наредил нападите поради недостаток на напредок во тековните разговори за продолжување на примирјето.
Тој го обвини Хамас дека одбива да ослободи израелските заложници и ги отфрли предлозите на пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
„Израел отсега натаму ќе дејствува против Хамас со зголемена воена сила“,
се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.
Официјални израелски лица соопштија дека операцијата е отворена и се очекува да се прошири.
Истовремено милитантната организација Хамас предупреди дека новите воздушни напади на Израел го прекршиле прекин на огнот и ја загрозиле судбината на заложниците.
Висок функционер на Хамас рече дека одлуката на Нетанјаху да започне широки напади врз Појасот Газа претставува смртна казна за преостанатите заложници кои се држат таму. Во изјава рано утрово Изат ал Ришек, член на политичкото биро на Хамас, го обвини Нетанјаху дека ја обновил војната за да се обиде да ја спаси неговата екстремно десничарска владина коалиција, пренесува „Гардијан“.
Според информациите, напади се пријавени на повеќе локации, вклучувајќи го северниот дел на Газа, градот Газа и Деир ал Балах, Кан Јунис и Рафах во централниот и јужниот дел на Појасот.
Амбасадорот на Израел во Обединетите нации рече дека нападите ќе продолжат.
„Ништо нема да не спречи да се бориме за ослободување на нашите заложници кои беа држени во брутално заробеништво на Хамас 527 дена. Нема да покажеме милост кон нашите непријатели додека нашите заложници паѓаат во тунелите на теророт на Хамас“,
рекол тој.
Израелската војска, исто така, соопшти дека нападите ќе продолжат онолку долго колку што е потребно и навестија дека тие би можеле да се прошират и со учество на копнени трупи, објави Ројтерс.
Белата куќа потврди дека била информирана однапред за нападот на Израел врз Газа, а портпаролката Каролина Левит, цитирана од американските медиуми, изјави дека оние кои сакаат да ги тероризираат Израел и САД ќе се соочат со цена којашто нема да можат да ја платат. „
Хамас можеше да ослободи заложници за да го продолжи примирјето, но наместо тоа избра војна“, рече портпаролот на Белата куќа, Брајан Хјуз.