Неколку пациенти веќе се пренесени во Унгарија со поддршка од Луксембург, а со поддршка на Романија, други се префрлени во Литванија
Европската Унија ја покажува својата солидарност по вчерашниот трагичен пожар во Кочани и одговори на барањето на Северна Македонија за активирање на Механизмот за цивилна заштита, информира денеска портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство Ева Хрнчирова.

„Ние веднаш реагиравме и понудивме да евакуираме пациенти со тешки изгореници. Девет европски земји – Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Луксембург, Унгарија и Норвешка, веднаш понудија помош, а би можела да следи и дополнителна помош“,
изјави Хрнчирова.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, таа истакна дека неколку пациенти веќе се пренесени во Унгарија со поддршка од Луксембург, а со поддршка на Романија, други се префрлени во Литванија.
„Сега ја координираме идната медицинска евакуација до други земји и нудиме лекување“,
додаде портпаролката на ЕК.
Европската комисија уште вчера потврди дека ЕУ добила барање од земјава за помош во справување со последиците од пожарот во ноќниот клуб во Кочани.
„Би сакале да изразиме најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и до сите оние кои се погодени од трагичниот пожар во Кочани“,
нагласи Хрнчирова.
КАко што информираше министерот за здравство Арбен Таравари, вкупно 51 пациент се хоспитализирани во странство.
„Во Турција се 9 пациенти, во Бугарија 14 и во Грција 5, во Србија 17 пациенти. Во Будимпешта се испратени двајца и во Литванија 4 пациенти. Денеска очекуваме уште неколку пациенти да бидат испратени надвор од државата, во Хрватска, Словенија, Австрија и 12 пациенти во Белград, во ВМА“,
рече Таравари.
Во врска со трагичната несреќа што се случи во Кочани, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија сподели контакт податоци од надлежните лица во македонските дипломатско-конзуларни претставништва, во земјите каде се хоспитализирани наши државјани.