Пациентите со авионски транспорт или со возила на итната медицинска помош ќе бидат пренесени во болниците во Бугарија, Турција, Грција и Србија

Дваесет и седум повредени во пожарот во Кочани ќе бидат транспортирани во здравствени установи во соседните држави, информираат од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека во моментот се организира авионски транспорт за најтешко повредените.
Според информациите, пет пациенти се упатуваат на лекување во Бугарија, од кои двајца се од хируршката клиника ,,Свети Наум Охридски” и тројца од ТОАРИЛУЦ.
Во Турција на лекување ќе се упатат тројца пациенти од ТОАРИЛУЦ и шест од ГОБ ,,8 Септември”.
Од Здравство велат и дека за Грција со возила на итната медицинска помош се транспортирани тројца пациенти од ТОАРИЛУЦ.
Во болници во Бугарија и во Србија, од министерството велат дека ќе бидат транспортирани по пет пациенти.
Претходно и од Владата информираа дека осум од тешко повредените пациенти во моментов се на Меѓународниот аеродром „Скопје“ од каде што ќе бидат пренесени во болниците „Пирогов“ во Софија и Варна во соседна Бугарија.
Бугарските власти претходно информираа дека пет од дваесетте потешко повредени лица од пожарот во Кочани со авионот „Спартан“ на бугарското воено воздухопловство ќе бидат транспортирани на лекување во Бугарија.
Како што рекоа од Владата, тројца од тешко повредени пациенти од Клиничкиот центар во Скопје со возила опремени за интензивна нега се пренесуваат на лекување во болницата „Папаниколау“ во Солун.
Според последните информации што ги соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, досега во пожарот во дискотека во Кочани загинати се 59 лица, а бројот на повредени е повеќе од 150.